По повод државниот и национален празник 2 Август, Илинден, во Ташмаруништа ќе присуствува и ќе се обрати претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, известува Курир.

Тој и минатата година испрати порака од Ташмаруништа по повод големиот празник. Годинава претседателот Стево Пендаровски го менува концептот на прослава на Мечкин Камен, па така наместо традиционалниот говор, ќе има видео обраќање, а ќе биде организиран концерт во вечерните часови. Според Пендаровски, била испратена и покана до ВМРО-ДПМНЕ и до Мицкоски, но засега е потврдено само присуството на делегатцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Инаку, во Ташмаруништа веќе со децении се одржува илинденска прослава каде за време на Илинденското востание 1903 година се одиграла жестока борба меѓу востаниците и регуларната турска војска во овој регион.

Борбата почнала на 5 август 1903, меѓу четирите востанички чети (по една од соседните села Ложани и Драслајца, и двете Ташмарунишки) со 140 востаници и десетпати побројниот турски аскер.

И покрај бројната и оружена надмоќ на Турците, востаниците десет часа ги одржале позициите. Но кога од грб биле нападнати од други турски формации, востаниците, заштитувајќи го организираниот бег на населението, се повлекле кон Малесија и Дебрца каде ги продолжиле борбите. При влегувањето на аскерот во селото бил убиен заповедникот – милазимот од страна на тешко ранетите борци, кои не можеле де се повлечат.

Селото било целосно ограбено и запалено. На боиштето останале 27 жртви на востаници и жители, кои по враќањето на селаните од збегот биле погребани. Деветнаесет востаници од соседните села биле закопани во заедничка гробница, а останатите во семејните гробови од селото.