Трагедијата во Кочани прва во фокусот денеска на седницата за пратенички прашања.
Откако опозицијата обвини дека се води селективна правда за истрагата во Кочани и не се апсат актуелни фукционери, премиерот Христијан Мицкоски посочи дека ако јавниот обвинител одлучи дека треба него да го приведат, нека го приведат, потенцираше дека обвинителството ја води истрагата за несреќата во Кочани, а не владата, и дека обвинителството кажува кој ќе биде опфатен со неа.
– Истрагата за Кочани ја води јавниот обвинител, не јас, не владата. Ако јавниот обвинител одлучи дека мене треба да ме приведат, нека ме приведат. Седум години не затворавте, не приведувавте и до ден денеска ВМРО-ДПМНЕ е под прогон на обвинители од времето кога СДСМ ги бираше. Издржавме и затвор е за мажи, а во нашиот случај и за жени. 68 лица досега се опфатени во истрагата од страна на јавниот обвинител, обвинителството и сите кои се задолжени за ова. За разлика од модуларната болница, Ласкарци , Беса Транс каде починаа 75 наши сограѓани имаше нула. Овде има 68 лица, дали ќе бидат 168 ќе каже обвинителството, не јас, не министерот за внатрешни работи, туку обвинителството заедно со судот одредуваат, рече Мицкоски.