По седум години денеска повторно е отворен комплексот „Македонско село“ кој се наоѓа на Водно во близина на Нерези. Нов концесионер е фирмата „Ла Тераца“ чија понуда беше избрана како најповолна на јавниот повик што го распиша Службата за општи и заеднички работи.

На отворањето, присуствуваше премиерот Христијан Мицкоски, кој даде изјава за медиумите.

-За мене претставува задоволство што уште еден заборавен, запуштен и би рекол полууништен објект се става во функција. Тоа е овој комплекс наречен „Македонско село“. Благодарност до инвеститорите, до концесионерите коишто се охрабрија да инвестираат и да понудат на скопјани и на сите оние кои ќе го посетуваат Скопје уште едно туристичко алтернативно и ултра квалитетно место каде може да се ужива во преубав поглед, преубави соби, апартмани и сигурен сум во префкусна храна, изјави прениерот Мицкоски.

Концесионерот е избран на законски и транспарентен начин, по пат на електронско јавно наддавање, преку системот со кој управува Министерството за финансии.

– Туризмот бележи големи резултати, кај странските гости имаме раст повеќе од 20% споредено со истиот период од минатата година. Очекуваме тој тренд да продолжи и да се зголемува, работиме многу на тоа. Така и Министерството за култура и туризам тука е исклучително посветено и се надевам дека ова несто за туристите што ќе го посетуваат Скопје ќе биде убаво место за уживање и почивка.

Комплексот „Македонско село“ се состои од 12 автентични куќи, со простории каде се претставени македонските занаети, а делови се користеа како хотелски соби и имаше ресторански дел.

Со реотворањето на комплексот ќе бидат создадени услови за поттикнување на развојот на туризмот и зајакнување на локалната економија, отворање на нови работни места, а ќе биде унапреден и туристичкиот капацитет во Скопје што ќе влијае на зголемен број туристи не само во Скопје, воопшто и во земјава, информираа од СОЗР.