Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски во петокот на кусо ја посети МИА каде во нашето студио го снимивме видео интервјуто во рамки на кампањата за предвремените парламентарни избори.

Мицкоски во интервјуто за МИА зборува за програмата со која коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе се обиде да освои што повеќе гласови на претстојните избори, за средбите со граѓаните со почитување на мерките за Ковид-19, за тоа како да се зголеми излезеноста на изборите, за кампањата и спотовите што предизвикаа реакции во јавноста, за можните коалиции…

Мицкоски изразува убеденост дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победи на овие избори и дека тој ќе биде мандатар, посочувајќи дека бројот на пратеници што ќе ги освои коалицијата ќе зависи од излезеноста на гласачите, што според актуелните анкети е речиси за 20 отсто помалку споредено со неколку последни изборни циклуси.

-Јас сум убеден дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За обнова на Македонија“ ќе бидат сериозно побединички на овие избори кои ќе се случат на 15 јули и се надевам дека претседателот Пендаровски ќе го даде мандатот на победничката коалиција. Кандидат за мандатор на победничката коалиција сум јас, посочи Мицкоски.

Цени, како што вели, дека ДИК ќе ги преземе сите мерки избирачкиот процес да помине непречено, а од друга страна да биде заштитено здравјето на гласачите.

-Ние на секој настап, на оние мини собири со граѓаните, ги повикуваме граѓаните дека треба да се излезе, дека е значајно да се излезе во што е можно поголем број. Иако да бидам искрен според анкетите во овој момент излезеноста би се движела меѓу 45 проценти плус минус, ете пет проценти, за разлика од порано кога ние сме имале избори кога под 63, 64 па дури под 65 проценти не била излезеноста. Значи отприлика 20 проценти помалку. Но, мислам дека во деновите што следат пред нас ќе има можност граѓаните се запознаат поблиску со програмата која што ја нудиме, вели Мицкоски.

Неговата порака до граѓаните е да си го чуваат и да си заштитат здравјето имајќи ја предвид ситуацијата со Ковид-19, а на изборите масовно да излезат и да гласаат за опозицијата.

ВМРО – ДПМНЕ веќе ја промовира својата програма. Фокусот, главно, ќе биде на економијата. Кои се клучните поекти со коишто ќе обидете да ги привлечете гласачите?

Како што и самата кажавте, главен фокус ќе биде на економијата бидејќи она кое што сега е реалност во Македонија практично е една разурната економија, економија која што ги остава безнадежни претприемачите, бизнисмени, но и самите граѓани практично на нашата држава затоа што ситуацијата  е повеќе од алармантна. Не затоа што тоа е сега поради оваа пандемија која што не задеси, секако тоа можеби имам огромно влијание, туку и поради лошите политики изминативе три години од страна на Владата на СДСМ и од страна на ова раководство на СДСМ предводено од Зоран Заев. Изминатиов период, ако се сеќавате, често пати помалку така шеретски ова ракокводство на СДСМ  знаеше да не обвини дека ВМРО -ДПМНЕ немало програма, дека ВМРО – ДПМНЕ настапувало со празни фоскули и.т.н. а видовте, започна кампањата, а ние се уште од СДСМ немаме промоција на програмата и всушност ние не знаеме што е тоа што СДСМ го нуди пред граѓаните. За разлика од нив, ние излеговме со 360 страници материјал. Имавме промоција во градот на конзулите во Битола. Отприлика професорите Славевски и професорот Кедев и јас вклучително имавме определени насоки што е содржано во самата програма. Зошто професорот Славески и професорот Кедев? Затоа што цениме во моментот имајќи ја предвид  ситуацијата во државата, здравството и  економијата се некако фокус на граѓаните и мислам дека тие имаа успешен обид накратко да сублимираат сето она што е содржано во самата програма. За разлика од нас, ние од страна на СДСМ, од страна на Зоран Заев и ова раководство, не видовме некоја програма. Излегуваат со празните флоскули, со истиот наратив како да сме пет години наназад во времето наместо пет години потоа. Но, тоа е нивниот начин на водење на кампања. Ние имаме кампања која што е проактивна  и кампања која што има понуда и ја нарековме „Проект обнова“, да има малку ете инженерска нишка.

Колку оваа програма може да одговори на реалните потреби на граѓаните доколку, да претпоставиме, ВМРО ДПМНЕ формира Влада во иднина? Колку оваа програма може да одговори на реалните потреби? Самиот споменавте во каква ситуација се наоѓа земјата, и не само земјата туку Европа, светот, воопшто. Се бараат огромни трансформации на системите. 

Прилично темелно е работена. Вие се сеќавате изминативе две и пол години, би рекол. Еве пред два дена практично изминаа 30 месеци откако сум избран за претседател на ВМРО – ДПМНЕ. Ние имавме многу акции кога разговаравме со граѓаните, тие нудеа определени сугестии, предлози, разговаравме и со бизнис заедницата, со стопанските комори. Имајќи го во предвид капацитетот на структурите на партијата, партиските комисии, но и голем  број експерти кои не се партиски определени од земјава и од странство учествуваа во изработката на оваа програма и единствена работа која што ми беше важна е да одговори на вистинските потреби на граѓаните во следните четири години, но да остави простор и за следните години коишто  ќе следат после овие четири години, бидејќи сакавме да биде повеќе со визија, стратегија и  јасна методологија за да немаме потоа проблеми во реализацијата, да биде тоа модуларно, етапа по етапа, чекор по чекор и на секој да му е јасно и да ги следиме и не само ние, туку и вие новинарите да имате можност да ги следите чекорите како ја реализираме таа програма. Затоа што еве поминаа три години од Владата на СДСМ и ДУИ јас навистина незнам отчет за овие три години што е сработено. Дали некој слушна отчет за каде се потрошени оние речиси 12-тина милијарди евра. Ние немаме отчет на тоа што е сработено изминативе години. Затоа сакавме најпрво да ви олесниме вас новинарите, да олесниме на оние кои утре ќе извршуваат важни државни функции, но да олесниме и на граѓаните за да можат да ја следат реализацијата на таа програма.

Кој е првиот проект што ќе го реализирате доколку ВМРО – ДПМНЕ дојде на власт којшто ќе произлезе од вашата програма и којшто реално би треба да одговори на одредена потреба на граѓаните?

Еве ќе ви кажам, најпрвин ќе има многу проекти што во првите сто дена ќе ги реализираме, но прв проект  ќе биде оние три денари акциза што ги донесе СДСМ, веднаш ќе ги конвертираме во спортски денар, еден денар за спортот, еден денар за културата и еден денар за образованието. Втора работа што ќе направиме веднаш, веднаш безусловно ќе го укинеме прогресивниот данок, а не како што тоа го направи СДСМ со одлагање и ќе го воведеме рамниот данок и веднаш ќе следи негово намалување од десет на девет проценти во 2021 година и понатаму осум проценти во 2022 година. Ќе укинеме многу работи коишто до сега  ги правеше СДСМ како што се непродуктивните трошења, оние буџетски средства коишто во моментот се трошат за партиски вработувања што се тотално непродуктивни и еве тука можеби би го вклучиле ребалансот на буџетот, низа сет на мерки што ќе го тангираат здравството, образованието… Навистина првите сто дена ќе бидат динамични. Сакаме првиот впечаток да биде силен, затоа што вие немате втора шанса за прв впечаток. Ако вие барате изговори лошо работеа овие три години, па потоа да кажувате еве ради тоа што они лошо работеа ние сега не можеме да ги спроведеме нашите политики тогаш ќе бидеме исти како нив, ќе бидеме исти како овие 30 години политичко мочуриште. Сакаме да бидеме авангарда, нешто ново, да иновираме  и да направиме веднаш робусен чекор уште во првите сто дена. Отприлика ја имаме ситуацијата во рака, што се случува, што се погрешните работи, каде ќе треба да се интервенира, така што еве ќе бидете сведоци на сериозен исчекор.

Голем предизвик е излезеноста на овие избори. Беше и пред Ковид 19, но исто така сега веќе се зголемува овој предизвика да речам за сите политички партии  не само за ВМРО – ДПМНЕ. Како ВМРО- ДПМНЕ ќе се обиде да ги привлече гласачите односно граѓаните да гласаат за нив, нивната програма? Како ќе ги анимира неопределените на 15 јули да излезат и едноставно да се изјаснат? Можеби не за вас но за некоја политичка партија.

Во право сте, се сложувам  со вас бидејќи потенцијалот е кај неопределените, но и генерално кај гласачите е некаде отприлика 3:1 во насока на тоа дека оваа Влада не ја води Македонија во правилна насока и дека оваа Влада треба да се смени. Но, истовремено тоа не се рефлектира на прашањето дали ќе излезете да гласате во тој опсег и, да, ќе треба практично да ги анимираме гласачите посебно сега во овие предизвикувачки времиња имајќи ја предвид ситуацијата со Ковид – 19 да излезат, ете, и да гласаат. Ценам дека Државната изборна комисија ќе ги преземе сите мерки избирачкиот процес да помине непречено, а  од друга страна да биде заштитено здравјето на гласачите. Ние на секој настап на оние мини собири со граѓаните, ги повикуваме граѓаните дека треба да се излезе, дека е значајно да се излезе во што е можно поголем број. Иако да бидам искрен според анкетите во овој момент излезеноста би се движела меѓу 45 проценти плус минус, ете пет проценти, за разлика од порано кога ние сме имале избори кога под 63, 64 па дури под 65 проценти не била излезеноста. Значи отприлика 20 проценти помалку. Но, мислам дека во деновите што следат пред нас ќе има можност граѓаните се запознаат поблиску со програмата која што ја нудиме. Ценам дека таа ќе остави впечаток кај нив и дека они тој ден имајќи ја во предвид ситуацијата на 15 јули масовно ќе излезат и ќе ја поддржат понудата на ВМРО – ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“.

Самиот ги споменавте настаните што ги организирате, ги повикувате граѓаните да ги почитуваат мерките за Ковид-19. Вие лично најавивте дека нема да ги откажете средбите со граѓани, дека ќе имате директни средби со граѓани почитувајќи ги мерките за Ковид -19. Но, во меѓувреме сте критикувани од страна на вашите политички опоненти и одредени граѓани, ако можам така да кажам, дека не се почитуваат сепак доволно мерките. Исто така и други политички партии во меѓувреме оддржуваат средби со граѓани, а на фотографиите гледаме дека се одржува некаква дистанца. Господине Мицкоски, што доколколку се случи  да има одредено ширење на болеста за време на оваа кампања и на изборите и што доколку прстот, сепак, биде вперен во вас?

Не може да биде вперен во нас, затоа што  ние предупредувавме, молевме на тие лидерски средби да не го  прават она што го прават со сила сега, да се случуваат избори. Ние велевме дајте луѓе најпрвин да ја победиме пандемијата, навистина да ја победиме не како што излегоа овој политикологот, пардон, инфектологот Караџоски, Филипче и Спасовски, туку  вистински да ја победиме, како што тоа го направија некои соседни земји па дури потоа да одиме на избори. Тогаш не наидовме на разбирање кај Зоран Заев и СДСМ и тој велеше дека ние треба да научиме да живееме со пандемијата односно дека тој ќе бил присутен и онака луѓето ќе си ги губеле своите животи. Отприлика тоа беше наративот и таа беше  реториката на СДСМ и Зоран Заев. Втората варијанта беше да го оставиме СДСМ и Зоран Заев сам да  одат на избори да освои бројка на пратеници со која што многу лоши работи ќе и се случат на нашата држава имајќи го во предвид капацитетот на овие луѓе. Затоа одлучивме имајќи го предвид предизвикот што е пред нас да излеземе и да ги победиме и тоа ќе го направиме. Ние имаме помали собири со граѓаните, не оранизираме митинзи. Како што кажавме се држиме отприлика до оние препораки коишто беа 50 до 100 луѓе, мини собири со граѓани. Не организираме масовно присуство, едноставно го најавуваме моето присуство и присуството на останатите кандидати за пратеници во определени места. Граѓаните одлучуваат масовно да ни се приклучат. Сега ние неможеме да ги мериме и да им велиме не доаѓајте кога тие одлучуваат да излезат и да ја дадат масовно поддршката дури и на тие мини митинзи, тие мини собири така да ги наречам. И мислам дека до сега она кое што е до нас како политичари ние тоа го правиме, односно се трудиме да ги почитуваме мерките, се трудиме да апелираме до граѓаните. Еве  ја користам и оваа можност да апелирам да се почитуваат мерките. Всушност и јас на своја кожа  го осетив сето тоа бидејќи мојата мајка во моментов се бори да го совлада вирусот.

Во каква состојба е, како е вашата мајка?

Па можам да ви кажам дека критичното се надевам е позади нас. Инаку не беше така едноставно пред некој ден, но се надевам дека критичното е позади нас и се бориме, еве, и покрај кампањата, се бориме како семејство да ја совладаме што е можно полесно оваа болест. Инаку, како политичари мислам дека треба да сме одговорни према граѓаните, да апелираме за почитување на мерките. Ние сме народна партија, ние сме со граѓаните. Ние не можеме позади мониторот или позади телевизорот да водиме кампања. Нормално е дека ќе излеземе. Во услови кога Владата со уредба интервенираше во застапеноста на медиумите во пет до 12, на 24 часа и пет минути пред почеток на кампања, единствена алатка која што нас ни претстои е да излеземе и да можеме вака како вас што ве гледам очи во очи, на пристојно реастојание, заштитени да ја претставиме нашата програма.

Како ја оценувате кампањата во овие три дена. Има лажни вести, пропаганда, меѓудругото и ВМРО-ДПМНЕ ја обвинуваат и за лажни вести и за ширење на неточни информации. Како ја оценувате кампањата и што очекувате?  

Главена агрегатор на лажни вести е сместен во седиштето на СДСМ, но во тоа нема да  навлегувам јас сега. На големо мнозинство на граѓани им е познато, и кој е креатор и како е креатор. Ние се трудиме да ја презентираме нашата програма, нашите проекти, нашите политики пред граѓаните. Во воведните мои обраќања коишто отприлика траат помеѓу 20 и 25 минути се трудам да ги потсетам граѓаните на тоа што  се случуваше изминативе три години. Во вториот дел се обидувам да презентирам дел од проектите што се со специфика за определеното место, генерално кои ќе бидат правците во коишто ќе се движиме во следниот период и на крај завршувам со повик да се излезе и да се гласа и да се почитуваат мерките  и посакувам добро здравје. Отприлика тоа е фолклорот којшто е присутен на нашите мини средби со граѓаните.

Каков е вашиот коментар на разговорот што беше објавен во кој се посочува дека сте се сретнале со Орце Камчев додека бил под ПИ-мерки? 

Тоа е истиот оној што веќе беше објавен. Претпоставувам дека има уште еден дел што не верувам дека им одговара да го објават. Уште ова е тоа што излезе. Таму нема ништо криминално, нема ништо инкриминирачки. Ете ниски страсти, еден приватен разговор. Да, сум бил во болницата, еве и деновиве одам во болница, да не се мачат да пуштат разговори бидејќи таму е мојата мајка, ја посетувам, така што нека снимаат тие, нека следат. Јас тоа сум го кажал во минатото, цел сум на следење, на снимање…трофеј сум практично за поедини структури така што немам што да додадам. Сето она кое што е инкриминирачки и криминално, противзаконско владеење, како што можевме да видиме во некои други разговори и видеоснимки, мислам дека треба да се охрабрат обвинителите и судиите да постапуваат по тоа каде што има основани индиции за сторен криминал. Чудно, ова доаѓа еден ден после онаа закана која што ја доби еден адвокат за неговиот клиент… Дуковски кој јавно кажа дека му се заканиле дека ќе го ликвидираат неговиот клиент ако премногу зборува. Она коешто струи во кулоарите во обвинителството е дека неговиот клиент а тоа е Бојан Јовановски поднел неколку десетици кривични пријави против структурите на власта и приложил докази кои што се основани сомневања за сериозен сторен криминал од најгоре па се надолу по вертикала. Немам што да додадам.

Има многу реакции, позитивни и негативни, и има доминантно негативни од одредена група на граѓани во однос на вашиот прв спот со подгрбавени луѓе. Во меѓувреме излезе и друг спот со девојката, веројатно деновиве ќе излезете со нови спотови. Пресметан ли беше ризикот господине Мицкоски да излезете со вакви спотови во кампањата? 

Тешка, мачна е реалноста. Понижувачка е реалноста во која што живеат македонските граѓани и впрочем тоа е цитат можеби единственото ветување на Зоран Заев коешто го исполнил откако функционира на политичката сцена, а тоа е дека треба да си ја свиткаме кичмата од таа 2008 година. Да, тешко е кога ќе се соочите со реалноста и тоа не ве прави подобар човек ако бегате од таа реалност.

Но, можете да се соочите со губење на гласови со овие спотови. Затоа ве прашав дали ви беше пресметан ризикот кога решивте да пуштите вакви спотови и ваква кампања која што дефинитивно е предизвикувачка? 

Тоа ќе видиме на 15 јули, дали ќе се соочиме со губење гласови или пак нема да соочиме туку ќе добиеме гласови. Инаку, да јас ги разбирам и СДСМ и Зоран Заев, тешко е и мачно е да се гледа тоа што го направија изминативе три години, но затоа сме тука да понудиме практично алтернатива на кое што го стори СДСМ изминативе три години со сите оние понижувања, лаги, невистини, конструкции, криминал, корупции, Луи Витон ташни, трас, трас судски одлуки. Гледаме таму како еден поранешен функционер од Владата предводена од СДСМ како купчиња си реди слободно во чанта. Тоа е она што е тешко да се гледа и на тоа се губат гласови, а инаку ова е реалноста што ни ја најави Зоран Заев дека треба да си ја свиткаме кичмата. Но, среќа е, не треба граѓаните да губат надеж. Има алтернатива и свитканата кичма ќе остане само запаметена по времето на Зоран Заев. Во иднина ќе имаме гордо крената глава.

Како се одразува кратењето на парите на политичките партии на работењето на ВМРО-ДПМНЕ? Претпоставувам дека таа одлука која што беше донесена е донесена во некаков договор меѓу политичките партии, но како се одразува тоа на работењето на ВМРО-ДПМНЕ? 

Видете тоа е резултат на кратење на средства како резултат на кризни мерки. Ние тоа го поддржавме. Нашиот технички министер за внатрешни работи гласаше за време на владината седница така што нашиот став по тоа прашање сме го кажале многу пати во минатото.

Како се одразува тоа на работата на ВМРО-ДПМНЕ? 

Тешко се одразува на работењето бидејќи ние немаме Луи Витон куферчиња, немаме купчиња кои се ставаат во чанти. Ние немаме во наше друштво адвокати со шест милиони евра кои бараат мито. Ние немаме евро за евро политики за нашите браќа и сестри така што многу тешко се одразува и со тоа ќе се снајдеме и ќе ги поразиме. Ќе го искористам овој момент да упатам една порака. Ние имаме замрзнат имот, нелегално, од она СЈО распаднатоно, Луи Витон СЈО каде што се делеа стотици илјади евра за хонорари помеѓу обвинители и.т.н., каде што Прада чантата на обвинителите беше секојдневие, скартено ни е политичкото финансирање на помалку од триесетина проценти, политички прогон, секојдневен атак врз активистите, врз симпатизерите, буквално интервенција со владина уредба и злоупотреба на вонредната состојба еден ден буквално пред почеток на кампања…Сето ова. Ние се навикнавме на претседателските избори и тогаш освоивме 380.000 гласа. Тогаш сите останати освоија 420.000 гласа. Сега ќе доживеат дебакл, со сето ова, со сите конструкции, со сите притисоци, со сето ова што го прават, бидејќи тоа они го прават затоа што не веруваат дека можат, затоа што се исплашени. Човек кој што верува, кој што знае дека цврсто гази нема потреба од вакви работи. Тој излегува на терен и победува. Така сум правел во животот, така ќе направам и овој пат.

ДУИ ја започна кампањата со идејата за премиер Албанец. Колку гласови може да добие ДУИ со оваа идеја, како ја оценувате и какви се вашите коментари и како го оценувате нивниот предлог за премиер Зибери?

Ќе ми простите, јас немам високо мислење за кадровото решение кое го понудија. Можеби малку ја девалвира таа нивна првична идеја претпоставувам бидејќи очекував малку посериозен пристап и човек којшто има малку повеќе сопствен кредибилитет. Тие се водат од некои внатрепартиски анализи.

Кои се вашите проценки, колку мандати може да освои ДУИ и албанскиот блок со оваа идеја? 

Јас не знам какви се нивните проценки, но она кое што јас го гледам анкета, излезеноста помеѓу Албанците можеби ќе биде помала, споредено со останатите и таа секако ќе зависи од генералната излезеност, но не очекувам да надмине бројка од вкупно помеѓу 170.000 и 190.000 до 200.000 гласачи. Тука има повеќе опции, меѓу кои ДУИ, тука е коалицијата Алијанса на Албанците и Алтернатива, ДПА, СДСМ со нивната коалиција Беса. Како ќе го делат тоа не знам. Има повеќе анкети на едни предничи ДУИ, на други предничи коалицијата Алтернатива и Алијанса така што во зависност од излезеноста таков ќе биде и резултатот.

Би коалицирале ли ВМРО-ДПМНЕ со ДУИ? 

ВМРО-ДПМНЕ ќе коалицира со секој политички субјект со којшто ќе успееме да постигнеме договор на ниво на програма. И тоа сме го кажале.

Да потсетам само Талат Џафери на прес-конференција минатата недела побара пратениците од албанските партии да поддржат мнозинство во Собранието кое што ќе поддржи премиер Албанец.  Дали и во тој случај би коалицирале со ДУИ?  

Видете, моето искуство во политиката и во животот вели никогаш не вели никогаш така што тоа што го кажал господинот Талат Џафери, го кажал претпоставувам во еден националромантичен занес, но тоа што јас можам да го кажам е да се водам од прагмата и реализмот е дека мандатар на Влада е оној којшто ја добива довербата од граѓаните. Факт е дека во минатото победи ВМРО-ДПМНЕ во 2016 година. Мнозинството граѓани во тој момент гласаа за ВМРО-ДПМНЕ, но исто така е факт дека во тој момент ВМРО-ДПМНЕ не успеа да собере мнозинство во Парламентот. Се формираше едно ново мнозинство, што значи дека се создаде еден нов принцип. Ако го кршите принципот кој што функционира и носи резултати тогаш тој може да создаде проблеми.Тогаш јас би се вратил на оној принцип од минатото, а тоа е дека партијата која што ќе освои најмногу гласови и која што ќе добие најмногу од граѓаните е таа која што треба да го добие мандатот од претседателот. Јас сум убеден дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За обнова на Македонија“ ќе бидат сериозно побединички на овие избори кои ќе се случат на 15 јули и се надевам дека претседателот Пендаровски ќе го даде мандатот на победничката коалиција. Кандидат за мандатор на победничката коалиција сум јас.

Што значи тоа во број на гласови и мандати господине Мицкоски? 

Повторно е неблагодарно, зависи од излезеноста. Сега можеме да кажеме дека ќе имаме излезеност еве да речеме повеќе од еден милион граѓани, тогаш мандатот би вредел 7-8000 гласа. Ако кажеме дека излезеноста ќе биде 750 – 800.000 граѓани тогаш мандатот би вредел 3.500 – 4.000 – 5.000 гласа. Зависи од излезеноста математички. Но, генерално сум убеден во практично победата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За обнова на Македонија“.

Дали останувате на ставот дека ќе го ревидирате Преспанскиот договор и какви се вашите планови во однос на надворешната политика?

Ставот на ВМРО-ДПМНЕ поврзан со Преспанскиот договор сме го кажале многу пати во минатото и тука немаме никакво поместување ниту во позитивна ниту во негативна смисла. Повеќе од стотина пати јас лично, претставници од партијата го повториле. Инаку што се однесува до евроинтеграциите јас сум убеден во капацитетот на Владата на ВМРО-ДПМНЕ и кадровскиот потенцијал и тој е многу, многу понадмоќен од тоа што го нуди нашиот политички конкурент.

Каква е вашата порака до граѓаните? 

Мојата порака до граѓаните е најпрвин да се чуваат затоа што времето е навистина предизвикувачко имајќи ги предвид се уште овие луѓе кои се наоѓаат на Илинденска бр. 2 и луѓето кои креираат какви такви политики бидејќи тие политики не ги заштитуваат граѓаните. И она што како секундарна порака сакам да им ја испратам бидејќи примарното е здравјето да го чуваат, да го сочуваат, затоа што само здрав човек може да направи во животот, и како секундарна порака е да излезат масовно почитувајќи ги мерките кои ќе ги преземе Државната изборна комисија, да излезат масовно и да го поразиме ова што ни се случуваше изминативе три години затоа што само така можеме да ја градиме Македонија онаква каква што ја сонуваме и сакаме. Во спротивно повторно ќе имаме подведена кичма, повторно ќе имаме порази, криминал, корупција, Луи Витон ташнички итн.

 

Елизабета Вељановска Најдеска 

фото: Фросина Насковиќ

видео: Аслан Вишко