Јас не можам да ви кажам дека нема притисоци, и секој оној кој што се нафатил со оваа работа треба да е свесен дека има притисоци, и треба да е свесен дека има моменти кога треба да се спротивставите на тие притисоци со аргументи, вели лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на прашањето дали постојат притисоци за промена на Уставот.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека неговиот пристап е соочување со сите притисоци со аргументи и кажа дека досега не слушнал аргумент кој ги победува аргументите кои тој ги презентира. Дополнува дека тој нема да потпадне под притисоците иако верува дека тие ќе продолжат и понатаму. Мицкоски вели дека е свесен за политичката цена која може да ја плати со предлогот за хрватскиот модел на уставна преамбула, и повтори дека во овој парламентарен состав, промена на Уставот, нема да има.
„Ги извадивме на чистина, на виделина излегоа сите лаги сите клевети колку е Ковачевски европеец, колку е Пендаровски Стево европеец, колку е Али Ахмети европеец и останатите на чистина ги извадивме јавноста можеше да ги види . И тука завршува се. Јас сум свесен дека тие немаат друга тема, јас сум свесен дека тие немаат ниту еден проект ниту политика и реформа и континуирано како расипана грамофонска плоча ќе го повторуваат тоа уставни измени, уставни измени. Јас тука ја затворам оваа тема, вчера ја затворив темата со комисиите денеска ја затворам со уставните измени“, рече Мицкоски.
Според претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, македонскиот модел може да функционира само ако има македонски национален консезус, а конкретно за ова прашање, консензус – нема.
„Консензус се правеше кога се распродаваше Македонија. Тие тој моментум го испуштија. А сега им нудам модифициран македонски модел ист како Хрватскиот модел, земја членка на Европската Унија. Повелете господа одважете се и да одиме“, изјави Мицкоски.
Вчера, Мицкоски ја одби и понудата на вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, за учество во работната група за подготвување на уставни измени, велејќи дека во оваа фаза тоа е беспредметно и оти власта сака да го политизира процесот.
„Нема да учествуваме во работната група, тоа сме го кажале многу пати во минатото, ги кажавме и причините затоа што работата на оваа работна група сега во оваа фаза е тотално беспредметна. И врвни правни експерти го коментираат тоа, дека овој прв чекор е практично утврдување на потреба за отворање на Уставот и доколку има две третини тогаш веќе се формира Уставна комисија, па се разгледуваат амандмани, се драфтираат, итн. Сега е тотално беспредметно, сакаат да го политизираат процесот. Еве уште еднаш јавно го кажувам ставот, и повеќе нема да се занимавам со таа тема, дека ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува во работата на Комисијата која ја формира Министерството за правда, а има цел да работи на амандманите кои се потребни за уставните измени“, рече Мицкоски.