Актуелниот закон за оружје е ,,болна” тема во Македонија во изминатите 15-тина години. Илјадници граѓани сведочат дека МВР ги одбива нивните барања за одобрение за набавка на оружје неосновано, со банални изговори, наспроти сите исполнети законски услови за добивање на одобрение! Конечно почнаа измени на овој закон, за што најмногу бараше и се залагаше Ловечката Федерација на Македонија. Еве ги барањата на ЛФМ до МВР и работната група за измени на овој закон:

1. Муниција за оружје со жлебени цевки да се набавува слободно, само со дозвола за поседување на оружје.

2. Лицата кои имаат дозвола за поседување на огнено оружје од одредена категорија, секое следно оружје од истата категорија да можат да го набават само со лична карта(без одобрение за набавка на оружје од МВР).

3. Постапката за издавање на одобрение за набавување на оружје од денот на поднесување на барањето до крајно одлучување да не биде подолга од 6 месеци.

4. Дозволата за оружје да се продолжува на секои 10 години, за лица постари од 75 години дозволата да се продолжува на секои 5 години, а за барањето да одлучува посебна организацина единица(одсек) во одделенијата за оружје на локално ниво.

5. Лицата кои служеле воен рок да не се упатуваат на обука за техничко знаење за правилна употреба на оружје и познавање на прописи на оружје.

6. Да не се одзема оружјето за прекршоци и кривични дела во кои нема елементи на насилство и оружјето не е предмет на прекршокот или кривичното дело.

7. Да се укине електронското полагање за техничко знаење за правилна употреба на оружје и познавање на прописи на оружје.

8. Целосно имплементирање во нашиот Закон за оружје на ЕУ Директивата број 555/2021, без селективен и парцијален пристап.

9. Итн.

На првите работни состаноци на работната група, најголем дел од овие барања беа прифатени, затоа јавно објавивме, а за што сведочи видео материјал од состаноците во хотел Мериот во Скопје, за да на крајот на овој процес, од МВР изготвуваат т.н. ,,финален извештај”, во кој спротивно на ЕУ дирактивата 2021/555 се нудат решенија крајно штетни за 100 000 граѓани кои поседуваат легално оружје, како на пример:

1. Пререгистрација на оружјето на секои 5 години со лекарско уверение и комплетна постапка како за прво поднесување на барање.

2. Сачмената ловечка муниција и карабинска ловечка муниција да се набавуваат со одобрение од МВР.

3.Оружјето од Ц категорија го префрлаат во Б категорија, се со цел да се избегнат обврските од ЕУ директивата за СЛОБОДНА ПРОДАЖБА НА ЛОВЕЧКО ОРУЖЈЕ И МУНИЦИЈА.

4. Одземање на оружјето и за нај ситни прекршоци СПРОТИВНО НА ЕУ ДИРЕКТИВАТА.

5. Евидентирање на ловечки ножеви во евиденција на МВР.

6.Безконечни постапки за конечно решавање на барањата, без конкретни рокови и друго.

Ловечката Федерација на Македонија во никој случај нема да ги прифати ваквите штетни измени, какви што ги нема во ниту една земја членка на Европската Унија и бара сите политички субјекти во државата да дадат придонес да се стопираат ваквите штетни измени, бидејќи ова е натпартиски проблем и утре сите граѓани кои поседуваат легално оружје ќе се малтретираат по полициски шалтери, ќе молат за одобренија и ќе плаќаат за лекарски уверенија и други документи. Поради овие причини, од моја страна не беше потпишан извештајот на работната група дека измените на законот за оружје се усогласени со Европските директиви со законот за оружје И НЕМА ДА ГО ПОТПИШАМ, бидејќи не само што не се усогласени, туку се спротивни од овие европски директиви!

Со ова, секторот за оружје при МВР прави голема манипулација со измените, на штета на граѓаните иматели на ловечко оружје. За целата настаната ситуација околу штетниот предлог закон, ЛФМ писмено го извести министерот Оливер Спасовски, со детално образложени аргументи ЗОШТО СЕ ШТЕТНИ ВАКВИТЕ ИЗМЕНИ за 100 000 иматели на ловечко оружје и побаравме средба на претставници на ЛФМ со Министерот. Очекуваме да бидеме известени за средбата, а за се во меѓувреме ќе бидете известени, бидејќи ловците МОРА ДА ЈА ЗНААТ ВИСТИНАТА!

Со почит, Влатко Алексовски, претседател на ЛФМ