Република Македонија влегува во општествена, економска и политичка криза, предупреди во денешното видео-обраќање лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
– Неспособноста да се управува со политичките процеси, да се испорача резултати кои се ветија и кои се потребни на граѓаните Владата и Заев ја втурнаа државата во поголема и поопасна криза. Се работи за влада со изгубен легитимитет, влада која година ипол буквално не испорача ниту еден резултат. Договорот со Грција е параванот зад која се одвива грабежот на деценијата. Кризата не е пречка да продолжат тендерите за луѓето од власта, да има 5.3 милиони евра во 4 очи за тендер за учебници кои еве гледаме се одвива во неколку нови продолженија, да се случуваат крвави тендери во здравството, криминални иновации, оние трагикомични тендери за лубриканти од 1.5 милиони евра, кои владата ги преставува како борбата за здравјето на граѓаните, а во исто време болните чекаат за инсулин во болниците, а во операционите сали нема ниту завој за преврска, истакна Мицкоски.
Бизнисите на фамилијата на власт, додава Мицкоски, стануваат се поголеми, додека приходите на обичните граѓани се се помали.
– Велеа дека биле за правда, но власта освен тоа што прави политички прогон, бега од предлогот за нова обвинителска институција која вистински ќе се бори против криминалот и корупцијата, а бега, бега затоа што криминалот е во самата власт. Нема директни странски инвестиции, нема нови работни места, ниту пак 500 евра просечна плата, нема поголеми пензии, подобри услови за студентите, нема поврат на ДДВ, ниту зголемена поддршка за земјоделците, и сето ова додека градежништвото бележи рекорден пад од минус 30 проценти, а капиталните инвестиции за 7 месеци се очајно ниски 21 процент. И во локалната самоуправа каде поминува една година, речиси апсолутна власт на СДСМ немаме никакви резултати. Имаме една година неработа, криминал и очај. Ветија почист воздух, но резултати нема, ветија мораториум на градби, но зградите во Аеродром никнуваат во парковите, ветија чесно работење, но градоначалникот шверцер од Ново Село останува недопирлив за вистинската правда, вели лидерот на најголемата опозициска партија.
И додека сето ова се случува, додава Мицскоски, гледаме како власта се труди да ја поништи волјата на граѓаните.
– Продолжуваат со процедурата за уставни измени, и покрај тоа што народот се изјасни против договорот со Грција. Ова се вика насилие. Процесот кој го раководеше лично Зоран Заев се удира во ѕид, и додека тоа се случува одново се лиферуваат нови лаги. Па така премиерот вчера ќе го слушнеме како името Македонија било заштитено, во исто време додека истата таа влада поднесува амандмани со кои 288 пати го брише името Македонија во Уставот, и го заменува со ново име договорено со јужниот сосед, вели Мицскоски.
Натаму во обраќањето додава „уште еднаш потсетувам дека Владата, Собранието и секој еден пратеник ја има одговорноста да работи и дејствува согласно волјата на народот.
– А волјата на народот е јасна и недвосмилено изразена на референдумот. ВМРО-ДПМНЕ е против овој договор и така ќе остане. Изворот на кризата која сега се случува не е отфрлениот договор со Грција, не е ниту пропаднатиот референдум, туку самата власт и Зоран Заев кои мора да си одат за да Македонија победи. А ве уверувам, со силата на народот, заедничката мудрост и одлучност Македонија ќе победи, и сите заедно ќе се избориме за стабилност, европска иднина и сочувано достоинство, рече Мицкоски.