Лидерот на ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервју за порталот Република објаснува зошто за опозицијата е неприфатлив предлогот на премиерот Зоран Заев за нов јавен обвинител да биде избрана Вилма Рускоска.
– Заев го легитимираше она што одамна го велам, а тоа е дека Рускоска е негов избор, и сега сака една Катица Јанева да ја замени со друга Катица Јанева, овој пат со име Вилма Рускоска. Јасно е дека овој предлог не може да се разбере никако поинаку освен како мајтапење со законите и правната држава. Па не може жената која е персонификација на нестручно работење под политичка палка да се справи со криминалот и да донесе правда. По овој терк фали уште Кацарска да стане врховен судија или претседател на Апелација, па Зоран Заев комплетно да го деградира судството за да може слободно да се додаде префиксот СДСМ во имињата на овие институции, вели Мицкоски.
Тој натаму во интервјуто за Република додава:
– Зоран Заев како што ја фалеше Катица Јанева сега ја фали Вилма Рускоска, и да ви кажам тоа треба да не загрижи, зашто првава е дел од афера тешка неколку милиони евра, а вторава, како демек има улога да ја расветли, ама никако да стигне до Јанева, нејзините соработници од врхушката на власт, па дури и првиот човек на власта. Ви се молам, ова се сериозни работи, и сметам дека никако не може вака една одговорна функција да се препушти на такви кадри, вели Мицкоски.