Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски смета дека органите на СДСМ вечер на седниците на Централниот и Извршниот одбор ќе одлучуваат како понатаму ќе функционира СДСМ, но нема да ги коментира нивните одлуки и состаноци затоа што, рече, тоа е нивна работа.
-Прво треба да се коригираат однатре, па потоа да најдат луѓе кои ќе испорачуваат работа затоа што на Македонија и е потребна квалитетна СДСМ, а не СДСМ која ќе биде посветена на лоповлук, измами, предавства, рече Мицкоски по посетата на ОУ „Александар Македонски“ во општина Аеродром.
По оставката на лидерот на партијата и премиер Зоран Заев не очекува промени во власта од, како што рече, „овие луѓе кои се таму во моментов“.
-Ако тие продолжат и натаму да менаџираат со политичката партија СДСМ не очекувам, бидејќи Зоран Заев ќе си замине, условно кажано заевизмот ќе остане. Претпоставувам се обидува да најде некој пион којшто ќе го продолжи неговиот лик и дело, и во Владата, и во СДСМ. Таму треба суштински да се сменат работите, но нема да навлегувам во дополнителни коментари и тие најдобро знаат како понатаму треба да функционираат. ВМРО-ДПМНЕ е фокусирана на испорака на она што им е ветено на граѓаните, рече Мицкоски.
Прашан што очекува од Алтернатива, одговори дека нема информации каков заклучок органите на партијата ќе донесат денеска на состанок на централното претседателство и дека не разговарал на таа тема со лидерот Африм Гаши.
-Алтернатива има две опции – да ја прифати понуда на Заев и да влезе во оваа влада, која ние ја оценуваме со најниска оценка и е можеби најлоша во 30 години независна Македонија, или да остане во опозиција. Си имаат раководство, стратегија, тие одлучуваат за нивната иднина. Да ги почекаме одлуките на двете партии кои денеска имаат состаноци на највисокото раководство, па ќе ги коментираме, рече Мицкоски.
Во врска со тешката автобуската несреќа во Бугарија во вторникот, Мицкоски рече дека свесно три дена не давале коментари и им изрази сочувство на семејствата на загинатите. Смета дека треба да има морална одговорност на надлежните министри и институции и дека овој немил настан, како што рече, е „само продолжение на корупцијата, криминалот и нефункционирањето на државните институции што почна со несреќата во Ласкарци и површната истрага во ’Дурмо турс’ и продолжи со кабелот во модуларната болница во Тетово“.
Ја коментираше и одлуката за ново раководство на РЕК Битола оценувајќи дека сложеноста на тоа работно место бара поинаков кадар.
-Очекувам само да се продлабочи агонијата, не мислам дека нешто поинаку ќе се случи, а за да не поскапи струјата требаат многу пари… Затоа се потребни брзи избори и нови луѓе кои знаат како да се справат со овие проблеми, додаде Мицкоски.