Премиерот Христијан Мицкоски вели дека барањата на земјоделците од Струмичко, кои најавуваат протести, се легитимнии и како Влада преку механизмите што се на располагање, ќе се стори сѐ што може за да им се помогне.
– Апсолутно ние како Влада ги поддржуваме земјоделците и нивните барања. И тука нема ништо спорно затоа што тоа се луѓето што нѐ хранат. Но, оваа година, која е исклучително предизвикувачка кога во неформални кругови се користи терминот ‘оваа година треба да се преживее’, ценам дека барањата на земјоделците се легитимни и како Влада преку механизмите што ни стојат на располагање, ќе сториме сѐ што можеме за да помогнеме. Тоа впрочем и го покажавме уште кога бевме избрани како Влада, рече денеска Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање.
Истакнувајќи дека нема добра реколта без исчистени канали за наводнување и без полни акумулации, наведе дека завршува сезоната за наводнување, а акумулациите се полни речиси 60 проценти за разлика од 7 проценти на 23 јуни кога беше избрана Владата. – Тоа не беа акумулации, беа мочуришта. Таа е разликата што направивме и што правиме ние за земјоделците за да имаме поголема реколта – оцени Мицкоски.
Потсети дека сегашната Влада наследила и состојба со неисплатени плати на вработените во „Национални шуми“ и во АД „Водостопанство“, како и неисплатени субвенции од 2020 година.
– И, денес, од опозицијата како да имаат амнезија, сѐ тоа го забораваат и мислат дека народот им верува и без ни малку срам излегуваат во јавност и се ставаат во т.н. одбрана на земјоделците. Оние што ги уништија, буквално што ги доведоа земјоделците на питачки стап, денеска бесрамно снимаат по некое „рилче“, страв им е да се соочат бидејќи може да добијат непријатни прашања. Со камерата се снимаат и тоа го објавуваат и мислат дека на тој начин ќе добијат некаква поддршка, а притоа забораваат дека нивната репутација е нула, а кредибилитетот им е негативен. Земјоделците ја имаат апсолутно нашата поддршка, вистинските земјоделци се наши партнери и ние како Влада продолжуваме да бидеме вистински партнер на вистинските земјоделци – изјави Мицкоски, кој присуствуваше на потпишувањето договор за изградба на интерконекторот со Србија меѓу АД „Номагас“ и „Рапид билд“.




