Верувам дека сите заедно, тешкотиите ги оставивме зад нас, вели грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во интервјуто за телевизијата „Стар“ и изразува оптимизам дека туризмот ќе се отвори, во првата фаза за земји со иста епидемиолошка слика со Грција и без задолжителен тест за посетителите, јави дописничката на МИА од Атина.
-Ќе започнеме постепено да отвораме од 15 јуни. Од 1 јули ќе почнат и директните летови на нашите острови. Но, сакам да размислите, дека се обидуваме да предвидиме што ќе се случи за пет седмици. Оваа седмица, од направени 1.300 тестови по случаен избор, на пристигнувања од странство, немавме ниту еден позитивен случај. И бидејќи пандемијата се намалува во сите европски земји, во овој момент е во пораст во Америка и во Латинска Америка, оптимисти сме дека ќе можеме да го отвориме туризмот, во првата фаза за земји кои имаат исти епидемиолошки податоци со нас со правење на тестови по случаен избор и да не биде потребно да ги тестираме сите кои доаѓаат во Грција, вели Мицотакис
Во однос на предвидувањата дека невработеноста во Грција ќе стигне до 20 отсто, Мицотакис вели дека „многу работи ќе зависат од тоа како ќе се движи туризмот“. Додека пак за рецесијата вели дека не сака да предвидува, но потсетува дека рекол дека ќе биде меѓу пет и десет отсто.
Грчкиот премиер, во интервјуто ги демантира сценаријата за предвремени избори, како и за реконструкција на Владата.
За можниот втор бран на Ковид-19 на есен, Мицотакис објаснува дека ќе биде поразличен, бидејќи сега сите знаат кои се мерките за индивидуална заштита, а при првиот бран „не знаевме што значи социјална дистанца, не го знаевме значењето на маската“.
-Доколку имаме втор бран, прво, ќе биде многу поподготвени. Што значи помала можност за пренесување на вирусот. Сигурно ќе бидеме поподготвени за справувањето, во однос на здравствениот систем. За неколку седмици, успеавме и двојно го зголемивме, дури и привремено, бројот на кревети на интензивна нега. И воопшто не стигневме блиску до тоа да ги исцрпиме можностите на националниот здравствен систем, објасни Мицотакис.
Според него, нема да има општ карантин доколку се појави случај на заразен со Ковид-19, туку – доколку се појави позитивен случај во октомври во некое училиште, нема да се затворат сите училишта, туку би можело да се затвори само конкретното.