Истополовите родители конечно ќе можат мирно да спијат, ослободени од стравот дека ако им се случи нешто, нивното дете наместо со другиот родител, ќе заврши во институција, порача грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на почетокот на владината седница, говорејќи за предлог-законот за истополовите цивилни бракови, јави дописничката на МИА од Атина.
На денешната седница, државниот министер ќе ја презентира регулативата, за која Мицотакис истакна дека „е важен чекор, што се стреми кон еднаквост на сите граѓани“, но и на „заштита на децата на истополовите родители и овие деца треба да ги имаат истите права како и сите други деца“.
-Сакам да потсетам дека зборуваме за нешто што веќе важи во 36 земји, на пет континенти, без никаде да изгледа дека ѝ наштетило на социјалната кохезија и владината хармонија. Сакам да го изразам и моето задоволство што целиот овој период трезвено и без радикалност се дискутираше за оваа реформа во грчкото општество, истакна Мицотакис.
Посочи дека во овој дијалог се слушнаа сите ставови, а за позицијата на Грчката православна црква која вчера едногласно се изјасни против предлог-законот, Мицотакис рече дека ги почитува позициите, но објасни дека овде станува збор за она што го одбира државата, а не за „теолошки верувања“.
За самиот закон, грчкиот премиер повтори дека не ја менува сегашната рамка на сурогат мајчинството, во суштина не ја проширува на истополовите парови и ги исклучува карактеристиките „Родител 1“ и „Родител 2“.
Фото: Кабинет на грчкиот премиер