Очекувам од мандатарот за премиер на С. Македонија јавно, на јасен и категоричен начин да изјави дека го почитува Договорот од Преспа, дека името на неговата земја е С. Македонија, ерга омнес и во внатрешната и во надворешната употреба, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, кој посочи дека конкретното прашање ќе го покрене и на претстојниот НАТО Самит, но и оцени дека сепак во Скопје ќе преовлада логиката, јави дописничката на МИА од Атина.
На денешната прес-конференција што се одржува на островот Крит, во пресрет на европските избори на 9 јуни, Мицотакис одговори на низа прашања од новинарите, меѓу кои и за односите со нашата земја и почитувањето на Договорот од Преспа.
Грчкиот премиер рече дека во моментов констатираат дека „намерата на ВМРО е во пракса да го оспори едното и единствено име за сите“ и истакна дека „Грција нема да го прифати ова“.
Во однос на тоа дали конкретното прашање ќе го покрене на НАТО Самитот во Вашингтон во првата половина на јули, Мицотакис одговори позитивно и посочи дека „ќе биде прва можност да се најде на ист форум со новиот премиер на С. Македонија“.
-Секако дека ќе го покренам прашањето на Самитот на НАТО за 75-годишнината од формирањето на Алијансата. И навистина би го охрабрил раководството на Скопје да не го стави во опасност европскиот тек, кој нашата земја го има поддржано, кој мислам дека и самите граѓани го посакуваат. Да сфатат дека изборите поминаа, дека популизмот во надворешната политика можеби е привлечен за привлекување гласови, но не го издржува водењето на сериозна надворешна политика кога некој официјално ги презема должностите. Верувам дека на крајот ќе преовладее логиката и ќе постои препознавање на она што се подразбира во Договорот, кој за нас има негативни работи, но една од важните димензии е токму едното и единствено сложено име за сите и ова не може во пракса да се оспори од никој, истакна Мицотакис на прес-конференцијата, пренесе МИА.
Уште еднаш повтори дека тие ќе бараат апсолутно усогласување за ова прашање, за кое рече дека се на иста линија и со ЕУ и САД.
-Да потенцирам дека не сме сами. Европската комисија го кажува токму истото, САД го кажуваат истото. Па така Грција не е изолирана, Скопје е изолирано, следејќи ја оваа политика и затоа мислам дека на крај ќе преовладее логиката, а С. Македонија ќе се врати на тешкиот пат на усогласување со европските критериуми и доколку го стори ова, Грција ќе биде прва што ќе го поддржи овој напор, посочи Мицотакис.
На 90-минутната прес-конференција на Крит, грчкиот премиер одговараше на прашања поврзани како со внатрешната, така и со надворешната политика на земјата.
Фото: Принтскрин