Позицијата дека Грција нема да се согласи Турција да биде дел од европската програма САФЕ за финансирање на одбранбени проекти, доколку продолжи со „casus belli“, односно закана за војна, му ја изразил грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на генералниот секретар на НАТО Марк Руте на нивната средба во Копенхаген, јави дописничката на МИА од Атина.

– Генералниот секретар на НАТО ме праша какво е мислењето на Грција за ова прашање. Бев апсолутно јасен и апсолутно категоричен: сè додека Турција продолжува да го поставува на маса прашањето за „casus belli“ (закана за војна), сè додека Турција продолжува директно да го оспорува суверенитетот на грчките острови преку теоријата за „сиви зони“, Грција нема да се согласи Турција да се приклучи на програмата САФЕ, рече Мицотакис на прес-конференцијата по завршувањето на Самитот на Европската политичка заедница, во Копенхаген.

За заедничкиот одбранбен проект за ѕидот против дронови, Мицотакис посочи дека доколку постои европска програма, „сигурно е дека таа ќе биде опфатена заеднички“, но и нагласи дека без оглед на европските приоритети, Грција самата се грижи да се заштити од такви опасности, односно како што рече „едноставно кажано, ние веќе го направивме тоа“.

Грчкиот премиер, одговарајќи на новинарско прашање се осврна и на миграцијата, нагласувајќи дека „Европа ја промени својата миграциска политика во последните години, главно како резултат на систематската работа што ја изврши Грција“.

Објасни дека Европа е построга во чувањето на надворешните граници и акцентот веќе е на враќањето на мигрантите, изразувајќи надеж дека европски партнери ќе ги поддржат иницијативите на грчката Влада „кои се засноваат на многу едноставна логика: ако дојдете нелегално во нашата земја и немате право на азил, тогаш ќе бидете лишени од вашата слобода и ќе бидете вратени назад во земјата од која сте дошле“, додека пак за оние кои имаат право на азил, објасни дека Грција ќе им го додели.

-Задоволен сум бидејќи многу строгиот став што го зазеде нашата Влада со привременото суспендирање на азилот, како и контактите што ги имавме во Источна Либија, се чини дека донесоа резултати. Во изминатиот период имавме значително намалување на брановите. Но, очигледно потребна е не само грчка, туку и европска упорност за да можеме да се справиме со проблемот во неговиот корен, порача Мицотакис.

Додаде дека Грција и понатаму работи на сите нивоа за искоренување на мрежи на криумчарите во источниот дел на Егејското море како и во јужниот Медитеран, во делот помеѓу Крит и Либија.

Фото: Кабинет на грчкиот премиер