Марко Петревски

Со месеци е актуелна темата за мигрантите на границата на Белорусија и ЕУ, а притоа недоволно е разјаснето како бегалците од Блискиот Исток пристигнуваат таму. Балканската рута која беше фреквентна во 2015 година одамна не е патот кој мигрантите го поминуваат пешки за да влезат во Унијата.

Неколку западноевропски држави го обвинија белорускиот премиер Лукашенко дека ги пушта и поттикнува мигрантите да влегуваат во државите од ЕУ како одговор на економските санкции против Белорусија и со цел да предизвика криза во Унијата. Не беа одминати и обвинувањата кон рускиот претседател Путин кои тој категорично ги негираше тврдејќи дека нема никаква врска со мигрантите на белоруско-полската граница.

Полска во август почна со изградба на бодликава ограда долж границата со Белорусија за да спречат нелегални прекугранични преминувања. Истото го има направено и Литванија. Граничната ограда која ги штити литванските граници предвидено е да биде долга 500 километри.

Од каде доаѓаат и како пристигнуваат мигрантите во Белорусија?

Властите од ЕУ си го поставуваа прашањето како мигранти од Блискиот Исток влегуваат во Белорусија а притоа не ја користат Балканската рута. Единствен начин преку копно е да патуваат низ Азербејџан, Грузија и Русија за да влезат во Белорусија, или пак, преку Црното Море да влезат во Украина и оттаму да преминат во Белорусија.

Сепак, ниту една од овие рути не е користена, бидејќи, како што пишува Би-Би-Си, мигрантите слетуваат со цивилни авиони директно во белоруската престолнина Минск.

Последните податоци на европската гранична служба ФРОНТЕКС покажуваат дека мигрантите најчесто доаѓаат од Ирак, Сирија, Авганистан, Турција и Иран. Бројот на илегални прекугранични минувања е во постојан раст од летото, а голем број од нив воопшто не се регистрирани.

Директните летови до Минск доаѓаат од градови ширум Блискиот Исток – Бејрут, Дубаи, Багдад и Дубаи. Агенцијата Туркиш Ерлајнс има дневна директна линија Истанбул – Минск.

Турската цивилна авијација најави дека наскоро на државјаните од Ирак, Сирија и Јемен наскоро ќе им бидат забранети летовите од Туркиш Ерлајнс до Белорусија. И белоруската авиокомпанија Белавиа исто така посочи дека повеќе нема да прифаќа граѓани од овие држави коишто доаѓаат со летови од Турција.

Руската авиокомпанија Рашн Ерлајнс ги отфрли обвинувањата дека директните летови Москва – Минск се користат од мигранти.

Според податоците на апликацијата flightradar24, забележани се бројни комерцијални оператори со летови до Минск од Багдад и Дубаи. Оваа апликација ги регистрира и следи во реално време сите цивилни летови.

Законите на Белорусија дозволуваат 30 дневен престој без виза на странски државјани од 76 држави, а Ирак и Авганистан не се на оваа листа. Постоеја шпекулации дека белоруските граничари ги олеснуваат овие патувања со турстички визи, но овие обвинувања беа отфрлени од државните власти.

Што прави Европската Унија за да се заштити од нелегалните мигранти?

ЕУ неодамна најави дека размислува како да го спречи нелегалното доселување од Блискиот Исток, а еден од начините е да формира црна листа на авиокомпании за кои европските власти веруваат дека се вклучени во носењето на мигрантите.

Белоруската авиокомпанија Белавиа е веќе исфрлена од воздушниот простор на ЕУ како дел од санкциите кои Унијата ги спроведе.

Портпаролот на Европската комисија Питер Стано изјави дека ЕУ ги следи летовите на државните компании, комерцијалните летови, но и чартер летовите кои често се закажуваат во последните моменти пред полетувањето. Се уште нема детали за акциите кои ќе ги преземат европските власти, но досега е разговарано со десетици држави за овој проблем.

Во август ЕУ побара од ирачките власти да ги прекинат сите летови од Багдад до Белорусија, на што Ирак се согласи за одреден период. По оваа мерка податоците од ФРОНТЕКС покажуваат значително намалување на бројот на Ирачани забележани на границите – од 1.345 во август на 181 во септември.