Министерот за внатрешни работи на Германија, Хорст Зехофер денеска ја предупреди канцеларката Ангела Меркел, со која имаат различни ставови за политиката за мигрантите, на последиците од неговото евентуално отпуштање од Владата.
Зехофер истакна дека би било преседан ако Меркел отпушти еден министер кој се грижи за безбедноста на земјата.
– Јас сум претседател на Христијанско-социјална унија (ЦСУ), една од трите партии во коалицијата и дејствувам со целосна поддршка од својата партија. Ако во кабинетот на канцеларката не се задоволни од работата на својот министер тогаш треба да стават крај на коалицијата, истакна Зехофер.
ЦСУ и даде рок на Меркел до крајот на месецот да постигне договор на европско ниво за политиката кон азилантите. Зехофер најави дека и покрај противењето на Меркел, од почетокот на јули ќе се враќаат бегалците од граница ако веќе се регистрирале во друга земја членка на Унијата.
Германската канцеларка сака да постигне билатерален договор со европските соседи, со кој ќе се овозможи бегалците да бидат вратени од граница.
– Ако нема европско решение тогаш ќе мораме да дејствуваме национално. Три години само се зборуваше за тоа, а сега е време за одлука. Ако канцеларката успее да постигне европско решение, никој нема да биде посреќен од мене, посочи Зехофер.
Тој додаде дека само во рок од една недела видлива е подготвеноста на Европа за разговор за проблемите.