Заменик-директорот на ЈП „Национални шуми“, Кире Михаилов преку објава на социјалните мрежи упати остри критики до претседателот на СДСМ, Венко Филипче, по неговото присуство на протест против отворањето на рудник во струмичкиот регион.

Михаилов во објавата го доведува во прашање присуството на одредени лица покрај Филипче на протестот, тврдејќи дека дел од нив претходно биле поврзани со активности за сеча на шумите на планината Огражден.

Тој посочува дека Љупчо Митрев, кој според него бил директор на ПШС „Беласица“ – Струмица од 2017 година, претходно имал ставови против отворањето на рудникот, но дека за време на неговиот мандат биле спроведени спорни активности во шумските оддели на Огражден.

Михаилов изнесува три конкретни тврдења: дека биле исечени повеќе од 10.000 кубни метри дрвна маса дополнително од планираното, дека била извршена чиста сеча на букови насади кај местото Зоја, како и дека била исечена дрвна маса од оддел надвор од концесискиот простор.

Во објавата тој споменува и други лица за кои тврди дека биле задолжени за спроведување и наплата на сечата, обвинувајќи ги дека со своите постапки придонеле за уништување на шумскиот фонд.

Михаилов најавува дека во наредните денови до Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство ќе поднесе кривични пријави против лицата кои ги посочува, со нивните имиња и презимиња и конкретните сознанија до кои, како што наведува, дошол.

Тој тврди дека станува збор за сериозни штети врз планината Огражден, чии последици би можеле да бидат долгорочни.