Поранешниот шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков, утрово во 9 часот и 32 минути се одјавил од затворот во Струга, каде издржуваше затворска казна за случајот „Империја“, потврди за МИА директорот на установата Ваљон Ќура.
Ослободувањето на Мијалков следува по уважување на неговата жалба од Апелациониот суд Скопје и донесеното решение, на 23 мај да биде ослободен од издржување на казната затвор, под услов до 25 април идната година, да не стори ново кривично дело.
– Лицето беше примерен затвореник, им помагаше на другите осудени лица во затворот. Беше вработен како шофер и совесно си ја вршеше работата. Ги користеше годишните одмори и слободните викенди за излез во град, како и другите осудени лица, изјави Ќура за МИА.
Тој нема никакви забелешки кон Мијалков во однос на периодот поминат во струшкиот затвор.
Поранешниот прв човек на УБК, Мијалков доби три години затворска казна и конфискација на имот за предметот „Империја“. Беше обвинет за кривичните дела злосторничко здружување и противправно стекнување и прикривање на имот. Затворската казна наместо во „Идризово“, ја издржуваше во отворениот затвор во Струга, по промената на адресата за живеење од Скопје во Охрид.