Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ изјави дека министерот за надворешни работи Гордан Грлиќ Радман официјално го поканил рускиот претседател Владимир Путин во посета на Хрватска, но не во негово име, пренесуваат хрватските медиуми

Милановиќ во Сисак во саботата одговарал на обвинувањата од владејачката партија Хрватска демократска заедница (HDZ) дека е „проруски ориентиран“ и дека со своите изјави ѝ „штети“ и ја „срамоти“ Хрватска.

„Еден ден овој мутав министер за надворешни работи оди во Москва. Што тој прави во Москва во овој момент? Јас би очекувал дека одел да го ‘искара’ (рускиот министер за надворешни работи Сергеј) Лавров. Не, човекот оди таму и предава официјална покана за Путин да дојде во Хрватска. Дали е тој претседател на државата? Зборува ли во моето име? Не зборува. (Хрватскиот премиер, Андреј) Пленковиќ не е претседател на државата и не може да му биде домаќин на Путин“, го цитира агенцијата Hina Милановиќ кој алаудира на официјалната посета на Грлиќ Радман на Русија во 17-ти јануари.

„Значи, тие исти Руси на коишто им се закануваш и ги стигматизираш, лицемерно си ги поканил да дојдат во Хрватска“, додал Милановиќ.

Хрватскиот претседател демантирал дека тој е оној којшто во јавноста ја пуштил тезата дека хрватски војници ќе одат во Украина.

„Не, тоа го стори Jutarnji list кој на насловната страница објави дека НАТО бара 1.500 војници и го постави прашањето дали Хрватска ќе ги испрати. Што е тоа ако не вознемирување на јавноста?“, додал Милановиќ.

„Значи, јас никогаш не сум рекол дека НАТО тоа го барал, туку превентивно реков дека Хрватска нема да ги испрати…. Хрватска нема да испрати војници во Украина, а за Полска и Литванија ќе видиме во иднина“, рекол Милановиќ.

Хрватскиот претседател претходно седмицава предизвика голема бура во домашната и европската политика, кога рече дека неговата држава нема да испраќа војници да ја штитат „корумпираната“ Украина, која не е членка на НАТО и додаде дека во услови на ескалација на тензиите со Русија може да бидат повлечени и „сите четворица“ хрватски офицери од Полска, откако претходно 80 војници се вратиле од тамошната мисија.

Милановиќ во саботата одговарајќи на прашањата на новинарите додал и дека HDZ „не знаат што зборуваат, не слушаат што се зборува и не читаат весници“ и оти се „продолжена рака и протеза на владата на Пленковиќ“.

Хрватска не ја ослободил НАТО

Милановиќ, исто така, тврдел дека групацијата „Hanza medija“, којашто тој ја нарекува „ханџар медиуми“, ја плаши јавноста со тоа дека 1.500 хрватски војници ќе бидат испратени во Украина.

„Некој на јавноста требаше да ѝ каже дека тоа е лага и, ете, тоа го реков јас“, додал хрватскиот претседател.

Зборувајќи за ситуацијата на истокот од Европа, односно за можното испраќање хрватски војници на источните граници на Европската унија всушност источното крило на НАТО, Милановиќ рекол дека храватската држава никому нема да му ветува ништо безусловно.

„Тоа не е веродостојност туку недостиг од интелигенција. Ќе видиме што ќе биде. Ако работата се заострува, нашите луѓе нема да бидат изложувани на ризик“, рекол Милановиќ додавајќи дека во крајна линија тој решава за тоа.

„Или дворетинско мнозинство во Саборот (хрватскиот парламент), а тоа никогаш нема да се случи бидејќи луѓето имаат мозок и чувство за оваа држава…. Од Хрватска сѐ уште никој ништо не барал, а доколку бара нека не доаѓа“, рекол Милановиќ и повторил дека војници нема да одат во Украина.

„А доколку работите дополнително се компликуваат, војската нема да отиде никаде. Ќе биде на Косово и во Хрватска. Бидејќи Хрватска плати превисока цена и никој сериозно не ѝ помагаше да се избори за своето. Хрватска не ја ослободи НАТО, туку хрватските војници“, рекол Милановиќ.

Шефот на државата заклучил на крајот дека Хрватска „никому ништо не му должи за да се однесува хазардерски и да оди како овца на колективно колење“, препорачувајќи има на оние што го напаѓаат тие до одат во Украина.