Десетици милиони Кинези денеска се во локдаун поради коронавирусот, со нови жаришта на епидемијата регистрирани во туристичкиот центар Сијан, како и во најголемиот кинески град Шангај.
Здравствените власти соопштуваат за повеќе од 300 инфицирани, што предизикува стравувања од повторно наметнување сеопфатни ограничувања.
Новите случаи и одговорот на властите ги продлабочуваат стравувањата дека Кина би можела да ги врати строгите ограничувања какви што беа воведени на почетокот на годинава кога политиката „нулта ковид“ со месеци држеше затворени десетици милиони луѓе.
Жители на Шангај објавуваат статуси на социјалните мрежи дека почнале да добиваат храна преку организираната достава, што е враќање на локдаунот.
По наглото зголемување на бројот инфицирани властите покренаа нов круг масовно тестирање во повеќе од половина од градските населби, затворајќи ги сите караоке-барови откако е утврдена поврзаност на некои од случаите со шест такви угостителски објекти.
Историскиот град Сијан, инаку Домот на теракотните војници, на крајот на минатата година беше во целосен локдаун, а сега повторно е под мерки за привремена контрола, откако од саботата во 13-милионскиот град беа потврдени 29 случаи на Ковид-19.
Од вечерва на полноќ во градот се затвораат јавните места за забава, вклучувајќи ги пабовите, интернет-кафулињата и караоке-баровите.
Државните медиуми објавуваат снимки од граѓаните на Сијан како чекаат ред за тестирање, притоа информирајќи дека градот не е во локдаун.
– Сите позитивни случаи се од варијантите БА5.2 омикрон, а работата на епидемиолошкиот мониторинг сè уште е во полн ек, беше истакнато на редовниот брифинг на кинеските здравствени власти.
Новите случаи на коронавирусот се сметаат за повторен предизвик за претседателот Си Џинпинг, кој минатата недела ја потврди својата решеност да ја елиминира ковид-заканата и покрај големата економска цена на мерките за сузбивање на епидемијата.
Јапонската банка „Номура“ проценува дека најмалку 114,8 милиони луѓе низ Кина од понеделникот се во целосен или делумен локдаун, што е остар скок од минатонеделните 66,7 милиони.
Од минатата седмица се пријавени повеќе од илјада нови случаи на коронавирусот во централната провинција Анхуи, од каде десетици се прелеале во провинцијата Џиангсу на самата граница со Шангај, со што е загрозен главниот производствен регион во делтата на реката Јангце.