Претседателот на Република Српска (РС), Милорад Додик изјави дека британските служби го прислушуваат државниот врв на Србија и на РС, српскиот претседател Александар Вучиќ и него.
Додик, како што објави „БКТВ њус“, вели дека има бројни докази оти британските разузнавачки служби имаат прислушувачки центар и дека го следат државниот врв на РС, а претпоставува дека иста е ситуацијата и во Србија, и дека тоа е еден од начините да ја дестабилизираат РС.
На прашањето има ли докази за тоа, Додик одговара:
– Доказ се изјавите на министерот за одбрана и потврдите дека Велика Британија ќе се занимава со руското влијание на овој простор. Во јули се формира посебен оперативен центар, кој ќе го предводат Британци. Тука се и изјавите на британскиот амбасадор, вели Додик.
Претседателот на РС потенцира дека не се работи за обични војници, пешадија, туку за специјалци кои со разузнавачка работа се занимаваат врз основа на многу модерна и софистицирана технологија.
На констатацијата дека спомена дестабилизација и на Србија, Додик вели дека тоа е „една и иста работа“ и дека „веројатно тоа го работат и во Србија“.
На потсетувањето дека изјави оти и во Србија имаат центар за прислушување, Додик вели дека претпоставува и тврди дека британската служба била секогаш присутна на овие простори и дека секогаш работеле против српските државни и национални интереси.
– Доказ е и фактот што уште од порано разузнавачката служба на БиХ отвори оперативен налог за прислушкување на функционери на Србија и на РС. Секој кој овде е упатен, знае дека тоа во БиХ не може да се работи без одобрување на западните служби. Кој доказ сакате повеќе од тоа, вели Додик.
На прашањето дали за тоа го информирал претседателот Вучиќ, Додик одговара да „Вучиќ тоа многу добро го знае“.