Според информациите, преговорите се во финална, завршна фаза и тоа не само за министри, туку и за заменици министри, државни секретари и трет, четврт ешалон. Очекувам мандатарот Мицкоски, предлогот за состав на новата Влада да го поднесе до Собранието на 17 јуни, во понеделник и потоа да имаат пратениците во Собранието неколку дена време за да ја разгледаат и програмата, и составот, и биографиите на новите предложени министри, вели пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски во неговото гостување во централниот Дневник на телевизија Алсат.
Во однос на новиот закон за Организација на органите и работа на државната управа кој беше донесен викендов и поддршката од пратениците на Европскиот фронт, Милошоски посочи дека она што можеше да се забележи во собраниските кулоари уште во текот на самата расправа, но и неколку дена претходно, беше податокот дека поединци, пратеници кои што се во коалиција со ДУИ, но изворно не потекнуваат од таа политичка партија, двајца или тројца на број изразија спремност да дадат поддршка за овој закон, што секако ќе беше доволно законот да го добие двотретинското мнозинство.
„Од друга страна, сметам дека претседателот на ДУИ имајќи го ова сознание во предвид се одлучил на чекор да не се забележи раздорот внатре во ДУИ и таа фрагментација во нивната коалиција, на некој начин да изгледа дека тие се компактна група која што дава поддршка на одредено законско решение иако дел од групата пратеници кои што се блиски со Зијадин Села не беа присутни и не гласаа за овој закон“, рече Милошоски.
Но како и да е, додаде тој, ние сметаме дека ова законско решение, најважно ни беше што доби легитимитет кај гласачите и кај граѓаните и секој пратеник кој што одлучил да го поддржи, сметаме дека го слушнал и гласот на граѓаните кои што се определија за оваа Влада.
Милошоски истакна дека нема да ги именува кои се пратениците кои што одлучија да дејствуваат по свое убедување или малку поразлично од коалицијата во која што учествуваат, посочувајќи дека тоа што може да го каже е дека во коалицијата на ДУИ постојат двајца, тројца поединци кои што се расположени за по прагматичен однос и соработка со владејачкото мнозинство.
„И ние цениме дека е корисно и за владејачкото мнозинство, на крајот од краиштата и за граѓаните кои што дале доверба ова мнозинство да спроведе важни реформски проекти“, потенцираше Милошоски.