Денес би сакал да известам дека ВМРО-ДПМНЕ во следните денови во Собрание ќе го предложи овој текст на предлог резолуција која што ги дефинира македонските државни позиции за евроинтеграции, но исто така и позиции по однос на било какви негирања на македонскиот јазичен, културен или национален идентитет, бидејќи тоа е спротивно на европските вредности.
Ова го истакна пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција, која ја пренесуваме во целост:
Сметаме дека Собранието како законодавен дом е вистинското место каде што наместо поларизација политичките сили треба да се обединат и да донесат заедничка резолуција.
Резолуции по националните прашања се носат и во Бугарија, и во Германија, и во Словенија, и во Романија, и во Италија. Тука зошто Македонија би била исклучок, и зошто власта не би била спремна во Собранието да отвориме расправа и да изградиме широк консензус за предлог резолуцијата за македонските црвени линии која што доколку се усвои од Собранието на Македонија нема да биде од помош само за македонската дипломатија и општество туку ќе им помогне и на нашите пријатели во рамките на ЕУ. Бидејќи оваа предлог резолуција се заснова на повелбата на Обединетите Нации и на Конвенцијата за човекови права на Советот на Европа од Стразбур.
За тоа сметаме дека владејачката коалиција, опозиционите партии и секој пратеник поединец би било добро да ја разгледа оваа предлог резолуција и ние во следниот период ќе направиме напори за оваа предлог резолуција во Собранието да разговараме со пратениците од Алијанса, Алтернатива, од ЛДП, од ДОМ, од Демократски сојуз, од Левица, и од други партии кои што ценат дека една заедничка политичка предлог резолуција ќе ги зајакне македонските дипломатски позиции, а исто така ќе упати една праведна и јасна порака и до Бугарија и до нашите пријатели во ЕУ.
ВМРО-ДПМНЕ смета дека ваквиот пристап би бил сериозен и одговорен, и носењето на една заедничка политичка резолуција за македонските национални позиции за евроинтеграциите врз основа на македонскиот идентитет како европска вредност е корисна работа и граѓаните тоа би го поздравиле.