На денешната прес конференција, Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ изјави дека иницијативата за вонреден конгрес на група луѓе е политичка иницијатива на луѓе кои имаат за цел да му помогнат на Заев да му фрлат гума за спасување и да го одвлечат вниманието.
-По однос на иницијативата за вонреден конгрес на група на луѓе кои подолго време имаат одредена дистанца од политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, нашиот коментар е дека оваа иницијатива не е статутарна, ниту е правна! Тоа е политичка иницијатива на група на луѓе кои имаат за цел да му помогнат на Заев да му фрлат гума за спасување и да го одвлечат вниманието.
Во моменти кога државата е хибриден режим, најкорумпирана држава во Европа, нула вакцини, 3 илјади жртви, 55 илјади нови невработени и многу затворени фирми, оваа иницијативна група се обидува тоа да го релативизира и Заев кој што во моментот во самото Собрание е на стаклени нозе со своето мнозинство да може да ја дефокусира јавноста да се занимава со споредни теми во опозицијата.
Затоа сакам да напоменам дека ваквата иницијатива правно гледано не е статутарна, политички гледано е координирана со Заев на кого што му е очајно потребен дефокус од лошите политики чија што цена ја плаќаат граѓаните со овој економски и здравствен колапс. На крајот на краиштата бидејќи и самиот месец март е најавен од самите иницијатори би било добро овие иницијатори, заедно со Заев кој што најави исто така конгрес на СДСМ, да одржат сплотени со Заев еден заеднички конгрес ако веќе одработуваат за Заев.
Нека биде тоа на еден економичен начин на исто место и со иста цел. И само да додадам дека во ВМРО-ДПМНЕ воопшто не сме изненадени од ваквиот чекор. Овој чекор веќе беше најавуван долго време, политички е координиран со Заев, но истиот сметаме дека статутарно е неоснован а политички може до одредена мерка да му послужи на Заев, но нема да го спаси од реалните проблеми на корупција и хибриден режим во кој што ја доведе државата, вели Милошоски.
Претходно, т.н. Иницијативниот одбор, во јавноста наречен „Мериот коалиција“ во соопштението испратено утрово, наведувет дека одлучиле да свикаат вонреден конгрес на 28 март за смена на Мицкоски.