По двата воведни порази, кошаркарите на Милвоки ја запишаа и третата последователна победа над Феникс (123:119) со што поведоа со 3:2 во финалето на плејофот во НБА лигата и дојдоа на само чекор до освојување на шампионската титула.

Милвоки до третиот триумф во финалната серија, синоќа на гостински терен го предводеше Јанис Антетокумпо со 32 поени, девет скокови и шест асистенции.

Херојот на Милвоки од претходниот натпревар Крис Мидлтон запиша 27 поени и седум скокови, а Џру Холидеј 27 поени, 13 асистенции и седум украден топки.

Милвоки има само една шампионска титула во својата историја, а до втората може да стигне веќе в среда наутро по македонско време доколку триумфира на домашен терен во шестиот натпревар.

Својата единствена титула Милвоки ја освои во 1971 година, а последен пат во финалето играше три години подоцна во ерата кога за клубот настапуваа големите НБА ѕвезди Карим Абдул Џабар и Оскар Робертсон.