Јапонија ќе продолжи да бара одговорни дејствија од Кина преку одржување на дијалог за решавање на заедничките прашања, изјави денеска новата јапонска министерка за надворешни работи Јоко Камикава, цитирана од британските медиуми.
Таа беше назначена вчера како дел од кадровските промени што ги изврши премиерот Фумио Кишида. Јоко Камикава е првата жена министер за надворешни работи на Јапонија во последните 20 години.
-Ќе продолжиме да го кажуваме она што треба да се каже и да бараме од Кина да дејствува одговорно, но ќе продолжиме со дијалогот за да ги решиме заедничките прашања, рече таа, признавајќи дека Пекинг и Токио имаат голем број разлики што треба да ги надминат.
Според неа двете страни треба да вложат напори за градење конструктивни и стабилни односи. Таа нагласи дека ставот на премиерот Фумио Кишида во однос на Кина не е променет.
Односите меѓу Јапонија и Кина неодамна се заладија откако Токио минатиот месец почна постепено да ја исфрла радиоактивна прочистената вода од неуспешната нуклеарна централа Фукушима во Тихиот Океан. Овие постапки на Јапонија ја налутија Кина, која воведе забрана за увоз на јапонски морски производи.