Министерството за култура на Македонија одби да го вклучи во својата програма за финансирање проекти од национален интерес за 2023 година ракописот на проф. д-р Марко Китевски МАКЕДОНСКИ БОРБЕНИ НАРОДНИ ПЕСНИ, со антологија на македонските револуционерни народни песни од епохата на Илинден, подготвен по повод 120 годишнината од Илинденското востание и од загинувањето на Гоце Делчев и 130 години од основањето на Македонската револуционерна организација. Се работи за обемен ракопис од над 600 страници во кој се застапени скоро петдецениски истражувања од страна на авторот на македонските борбени народни песни (за Марко Крале, за дедо Иљо Малешевски, за Румена војвода, за хероите од илиденскиот период, за Балканските и Првата светска војна како и за Втората светска војна). Исто така, вториот дел од книгата содржи обемен антологиски избор од македонските револуционерни народни песни од илинденскиот период, со наслов: ЈУНАК ПАДНА, БАЈРАКОТ НЕ ПАДНА. Антологијата содржи песни за најважните настани и најстакнатите јунаци од овој период, како што се: Гоце Делчев, Јане Сандански, Ѓорче Петров, Даме Груев, Питу Гули, Јордан Пиперката,  Христо Узунов, Апостол Петков, Ѓорѓи Сугаре, Васил Чакаларов, и други јунаци од овој период кои животите ги дале за ослободување на татковината.

А, ако нешто значи, само пред една недела министерката за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска, во составот на висока државна делегација се поклони пред гробот на Гоце Делчев.

На овогодишниот конкурс авторот проф. д-р Марко Китевски, (пензиониран истражувач од Институт за македонска литература), конкурираше со уште еден ракопис „Вера и суеверие“ кој содржии и пообемна студија со наслов „На клетва лек нема“ но и овој ракопис беше одбиен веројатно со истото образложение дека не е од национален интерес.  Овие ракописи требаше да претставуваат трет и четврт том од Одбраните дела на овој автор (по двата тома објавени минатите години кои што го привлекоа вниманието и на фолклористичката, но и на пошироката јавност „(Македонски црковно-народен календар“ (2021) и „Македонска народна лирика“ (2022), но со оваа одлука Министерството покажа дека ја прекинува оваа едиција. А досега немаше таква практика кога стануваше збор за објавување на одбрани дела особено ако авторот е при крај на работниот век, ако цели пет децении вложил во истражување на една научна област и ако се потврдил со седумдесетина книги.

Д-р Марко КИТЕВСКИ

-Целиот работен век, цели пет децении ги запишувам и проучувам македонските борбени народни песни. За целиот овој период од стотици зборници со народни песни  ги одбирав најубавите песни испеани за јунаците и настаните од илинденскиот период. Мислев дека овогодишните јубилеи поврзани со имињата на Гоце Делчев, Илинден како и со Македонската револуционерна организација се прилика да ги предложам за печатење, уште повеќе што во нашата издавачка продукција досега нема вакво издание. Не верував дека ќе се најде некој, не само во Министерството за култура туку и многу пошироко што ќе рече дека нема потреба од вакво издание. Но ете некој во министерството смета дека тоа не е од национален интерес. Ова го сметам и како порака што во иднина не смееме да истражуваме и да објавуваме. Или ќе чекаме што ќе реши онаа комисија за историски прашања, всушност за историски предавства. Треба ли да чекаме тие да ни кажат дали се наши Гоце и Илинден, дали народот ги сметал за свои кога ги опевал и дали да ги истражуваме и афирмираме. Знаат ли членовите на комисијата за издавачка дејност и министерката со нив дека грижата за фолклорното наследство е и уставна обврска. А фолклорно наследство не се само културно-уметничките друштва, туку повеќе од тоа е науката за фолклорот.

Најголемиот македонски фолклорист професорот д-р Кирил Пенушлиски на времето укажуваше на борбените песни како на најсилен аргумент за докажување на македонската национална посебност. Во јуначките песни, пишуваше тој, „на прво место е истакната изразитата желба на народот за зачувување на својата народност и вера што подоцна во времето на Илинденското востание ќе прерасне во определен револуционерен повик за борба за слобода. Ваквите песни биле силно воспитно оружје за одржување духот и моралот на народните маси“. За понатаму да истакне дека најважната карактеристика на револуционерните песни е „дека тие се показ, силно сведоштво за дефинитивно пробудената национална свест на нашиот народ.“ Оттука фолклорот е најважен аргумент во докажување на македонската национална самобитност. Само што очигледно тоа никому не му значи, ама баш ништо.

Како повозрасен сакам да им укажам на господата во Министерството за култура дека во не многу далечното минато, кога имавме држава што се викаше Македонија (било тоа да беше народна, федеративна, социјалистичка или едноставно република) неколку години пред позначајните јубилеи се планираа научни собири, се покануваа најстакнатите специјалисти од земјава и странство, од истражувачите и издавачите се порачуваа антологии, зборници  и други пригодни изданија. Но тоа време за жал е неповратно поминато. Денес и ако некој се сети нешто да направи нешто корисно наместо пофалба ќе добие осуда.

Баш ме интересира кои се овие луѓе од комисијата за издавачка дејност, по колку книги имаат објавено, имаат ли некакво искуство од издавачка дејност, знаат ли колку чинат печатарските трошоци или да речеме само хартијата (според новите цени што секој ден одат нагоре), знаат ли колку чини тврдиот повез, колку чини издание во боја, разликуваат ли формати А-5, Б-5, А-4 итн.

Се разбира ќе се жалам на одлуката на Комисијата, а ако и жалбата биде одбиена уште од сега и порачувам на министерката во духот на Рациновата порака „Угаснете и светлина, мрак да биде – каракамен.“ А ракописите ниту гинат ниту гнијат. Ќе останат за некои подобри времиња, како што велел на времето Димитар Миладинов „да се пеат кога ќе нема ваквие работи“ чунки како што кинисала работава на пат сме сосема да се одродиме, ни изјави Китевски.