Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денеска се сретнал со заменик-амбасадорот на Германија во Република Северна Македонија, Јан Аксел Вос, досегашниот директор на ГИЗ, Давид Оберхубер, и новиот директор на Германската агенција за меѓународна соработка (ГИЗ) за Северна Македонија и Косово, Маркус Делфс.

Како што соопшти МЖСП, на средбата Хоџа се заблагодарил за континуираната поддршка што ГИЗ ѝ ја обезбедува на Северна Македонија во спроведувањето на реформите и проектите во областа на животната средина.

-Партнерството со германските институции е значаен придонес за заштита на природните ресурси и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните – истакнал министерот Хоџа.

На средбата биле разгледани тековните проекти што се реализираат со поддршка на ГИЗ, како и можностите за проширување на соработката во областа на заштитата на животната средина.

-Соработката на одржливото управување со отпад, циркуларната економија, справувањето со климатските промени и унапредувањето на европската агенда, е од суштинско значење за Министерството за животна средина и просторно планирање – стои во соопштението на Министерството.

Од своја страна, Маркус Делфс ја реафирмирал посветеноста на ГИЗ за поддршка на стратешките приоритети на Министерството и за натамошно зајакнување на соработката во проектите што придонесуваат за одржлив развој и зелена транзиција.

Соговорниците ги оцениле досегашните резултати од соработката како успешни и изразија подготвеност за интензивирање на заедничките активности во наредниот период.