Министерот Оливер Спасовски, кој треба да ни открива криминал во Македонија, кој го ограби магацинот на МВР во Охрид, кој го ограби магацинот со масло од марихуана во вредност од над два милиона евра, кој копа криптовалути во училишта… тој на јавноста и открива протест кој, според неговиот датум, се случил на 22 мај 2022 година, т.с. денеска и бил против „режимот на Груевски“

– Оди си, збогум Никола, Цензурата е забранета, Слобода, Готово е… Ова беа дел од натписите на транспарентите на граѓанскиот протест 17.05.2022 против режим на кој заедно со граѓаните му порачавме Готово е! – со веење македонски и знамиња на етничките заедници, со обраќања на врвни професори, студенти, уметници, граѓански активисти, во мирна атмосфера, точно знаевме кои се причините за крајната цел – оставка на премиерот Никола Груевски и на целиот владин состав, објави денеска Спасовски на неговиот официјален профил на Фејсбук.

Натаму во подолгата објава, во која за 7 години наназад (2015-та) е поместен датумот на протестот што го открива, Спасовски додава:

– Македонци, Албанци, Срби, Роми, Турци, Бошњаци, Власи, … заедно и обединети бидејќи и’ мислевме добро на државата, имавме безброј причини да протестираме против суров режим. Протестиравме против насилството и криминалот за кои дознавме од прислушкуваните разговори на 20.000 лица, против замолчувањето на неистомислениците, против полициската бруталност и тепањето студенти, против неправдите со кои ги осиромашија граѓаните, против меѓународната изолација и заробената држава, мрачните сценарија и обидите за дестабилизација, против ставањето на личниот и партискиот интерес над граѓанскиот. Го вративме достоинството на граѓаните, ја вративме демократијата во државата, слободата на медиумите, независноста на судството… Од аспект на МВР, создадовме полиција блиска до граѓаните, партнер со граѓаните и вистински сервис за спроведување на нивните права, пишува Спасовски.

Министерот за внатрешни работи кој досега се фалеше со сменети фасади на полициски станици, обезбедени чорапи и чизми за полицијата, денеска го открива „режимот на Груевски“:

– Денеска сме сведоци на една „активна блокада” на работата на Собранието од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која всушност е една активна кочница на исполнувањето и гарантирањето на правата на граѓаните, а со цел да се спречи континуираниот успех на СДСМ за напредок на државата. Се обидуваат да ги избришат вредностите кои ги воспоставивме, а кои не’ исправија на нозе како држава, не’ етаблираа како НАТО членка и не’ приближија кон ЕУ. Најавуваат и народен протест, но зошто? Тие не знаат зошто, протестираат против зголемени плати, против минимална плата од 18.000 денари, што во нивно време беше 9.000 денари, против функционалните институции, против успесите на меѓународен план, против се’ што значи напредок за граѓаните и државата. Молкот никогаш не бил опција, особено ако има за што да се крене гласот! Тоа го покажавме со народниот протест одржан на денешен ден пред точно 7 години, а со кој кажавме – Доста беше молк, режим никогаш повеќе!- напиша Спасовски во доглата објава на Фејсбук.

Добро е тоа што Спасовски по којзнае кој пат го „откри режимот на Груевски“, откри дека ВМРО-ДПМНЕ ќе има голем народен протест на 18 јуни, но подобро е да се зафати со откривање и на криминалот и корупцијата кои ја уништуваат Македонија.

Напомена: Датумот на протестот на Спасовски е поправен отпосле, го објавуваме изечокот од објавата пред да биде поправен.