„Во Македонија имаме околу 600.000 граѓани кои имаат само 100 денари денес во џебот, за да купат да јадат и целиот ден да го преживеат. Тоа не е социјална помош, народот е доведен буквално на питачки стап“.
Ова во интервју за КУРИР го истакнува министерот за труд и социјална политика Ѓоко Велковски.
Со него разговаравме за повеќе теми. Само неколку дена по превземањето на функцијата во техничката Влада одговори кои се неговите очекувања за мандатот од 100 дена, во каква состојба го “наследи“ министерското столче, што ќе му биде во фокусот и какви промени се негова цел.
КУРИР: Господине Велковски, по предлог на ВМРО-ДПМНЕ станавте министер за труд и социјална политика во техничката Влада. Оваа функција сигурно е голема чест за вас, но е и голема одговорност. Што значи тоа за вас?
Секако е голема одговорност, тоа што ми беше доделено како позиција на министер во техничка Влада. Пред сè сакам да кажам дека јас сум одговорен човек кој своите работи ги исполнува максимално и кога ќе се зафатам со некоја работа навистина гледам да ја завршам до крај. Сум учествувал во многу сектори каде што сум работел, пред сè тука во МТСП каде имало мој бенефит кон одредени процеси, знаат и луѓето кои соработувале со мене дека мојата одговорност и тоа што ќе го започнам дека до крај ќе го завршам. Како личност, како човек, имам доволно капацитет да се носам со една ваква функција која ми беше доделена од страна на ВМРО-ДПМНЕ.
КУРИР: На ова место доаѓате со големо искуство во ресорот. Имате работено овде и ги знаете проблемите во суштина. На оваа функција сте веќе неколку дена, што се случи по примопредавањето, како ја почнавте работата?
-По примопредавањето направивме анализа во состојбата на самото министерство, каде наидовме на една неорганизираност во однос на комуникацијата помеѓу секторите и она што ме зачуди е дека со години не биле организирани одредени состаноци и координации помеѓу секторите и тука настануваат одредени проблеми поради некомуникација меѓу истите за да доведе до носење на можеби погрешни одлуки. Проблемот претпоставувам тука е во самиот менаџмент и раководството на МТСП и мислам дека политиките кои ги воделе овие луѓе или неносењето на политики довело до носење на погрешни одлуки или неносење на никакви одлуки во самото министерство и тоа предизвикало ваквата состојба која денес е затекната да биде на вакво лошо и сериозно ниво на загриженост.
КУРИР: Народот оценува дека институциите не им се достапни за решавање на нивните проблеми. Вие ветивте дека заедно со граѓаните ќе ја смените сликата на затворени институции. Што значи тоа, што планирате да направите?
Ништо не е едноставно, но ништо не е невозможно. Пред сè ќе поставиме еден ред на работите, ќе ги отвориме вратите за граѓаните, ќе бидеме постојано достапни и јас и мојот тим кој ќе биде во МТСП, но не само тие туку и комплетно сите вработени во институцијата и сите професионалци кои имаат желба да помогнат на граѓаните во Македонија. Ќе бидеме и повеќе надвор на терен, меѓу граѓаните. Јас и мојот тим директно со граѓаните ќе разговараме за нивните проблеми и за тоа што треба да им биде решено или каде што се создале одредени пропусти во решавањето на нивните проблеми.
Целото интервју со него, во КУРИР.