Франција во првата половина од следната година во Украина ќе испрати борбени авиони „Мираж“, најави францускиот министер за одбрана Себастиен Лекорн.
Политко пренесува дека министерот Лекорн во интервју за Sudouest.fr изјавил дека авионите „Мираж 2000“ „би можеле да летаат во Украина во првата половина на 2025 година“.
Претходно годинава францускиот претседател Емануел Макрон вети дека ќе обезбеди борбени авиони „Мираж 2000-5“ на земјата разурната од војна, а украинските пилоти веќе летаат со „Ф-16“, донирани од земјите на Европската унија, вклучувајќи ги Холандија и Данска.
Лекорн додаде дека Франција ги прилагодува своите авиони за да ги направи посоодветни за војната во Украина.
Авионот „Мираж 2000“ првично беше дизајниран првенствено за воздушна борба.
-Целта е авионите да се опремат со средства за борба воздух-земја. И да се зајакне нивниот систем за електронско војување. Но, најважна е обуката на пилоти и механичари, која продолжува во Нанси, рече францускиот министер.
Точниот датум за испораката на авионите во Украина ќе зависи од резултатите од тренингот и обуката.
И Макрон и Лекорн во повеќе наврати одбиваа да откријат колку воени авиони ќе бидат испратени во Украина.
фото:МИА архива