На субјектите кои се пријавиле на годишните конкурси за поддршка на проекти од културата без целосна документација, во согласност со Законот за општата управна постапка им се дава можност во соодветен рок да достават дополнителни појаснувања и документација за пријавите што имале формални недостатоци.
Како што соопштува Министерството за култура, тоа вчера го договориле премиерот Зоран Заев и министерот за култура Асаф Адеми по реакциите и незадоволството од резултатите на Годишната програма, усогласувајќи го ставот – комисиите по дејности да ги преиспитаат одбиените пријави.
-Дополнително појаснување на доставената пријава може да се побара само за проектите за кои стручната комисија оценила дека се во функција на развој, афирмација и промоција на културата во Република Северна Македонија и кои имаат предуслови да бидат избрани за проекти од национален интерес во културата за 2019 година, соопшти Министерството за култура.
Нагласува дека Заев и Адеми се за дијалог со претставниците од културата и за таа цел министерот за култура ќе ги покани сите апликанти кои имаа забелешки на состаноци во министерството за, како што се наведува, да се дефинираат чекори со кои во иднина би се избегнале недоразбирања или недостатоци при јавните конкурси.
-Исто така, министерот Адеми останува отворен за укажувањата и потребите на националните установи со чии раководители е во постојан контакт и за кои, според Законот за културата, се можни промени во финансирањето во текот на целата година. Во оваа пригода сакаме да истакнеме дека министерот Адеми ја извршува својата функција почитувајќи го Законот за културата, кој, како што е добро запозната културната јавност, има сериозни системски недостатоци во поглед на моделите на финансирање на проектите во културата, пишува во известувањето.
Министерството за култура додава и дека во поодмината фаза е постапката за изготвување на новиот закон за остварување на јавниот интерес во културата, по чиј предлог-текст досега имаше две јавни расправи. Посочува дека со новиот закон ќе се унапредат начините на поддршка на проектите во културата за што Министерството и сите чинители во оваа сфера се согласни дека актуелната норматива не ги задоволува потребите на современото време.
-Со донесување на новиот закон, чиј предлог-текст е сè уште отворен за сугестии од сите засегнати страни, уверуваме дека ресорот култура во иднина ќе ги добие потребните системски решенија за кои се залага голем дел од јавноста во културата, информира Министерството за култура.