На 18.02.2019 година полициски службеници од Секторот за внатрешни работи Битола извршиле контрола за брзина, зимска опрема, управување без возачка дозвола, нерегистрирани возила, непочитување првенство, исправност на возилата, товарни возила, безбедносен ремен, светло и алкохол, при што биле контролирани 390 возила.

При контролата било констатирано дека 21 возач го управувал возилото со поголема брзина од дозволената, 12 возачи управувале без возачка дозвола, кај пет возачи било откриено присуство на алкохол и тие биле исклучени од сообраќај. Пет возачи користеле мобилен телефон при управување на возилото, а тројца не користеле сигурносен појас. Девет возачи биле писмено предупредени, а на 50 возачи им биле изготвени мандатни платни налози и ќе се соочат со соодветни глоби, а исто така, биле изготвени и 26 прекршочни налози. При контролата откриени се и други 18 видови прекршоци.

СВР Штип поднесе кривична пријава против С.М.(50) од село Облешево поради постоење основи на сомнение за сторено продолжено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.

Во текот на 2016 година и 2017 година пријавената како директор на основното училиште „Климент Охридски“ во село Облешево, во три наврати, спротивно на Законот за јавни набавки, ангажирала фирми за изведување градежни активности на објектот на наведеното училиште, без претходно спроведена постапки за јавна набавка, со што им овозможиле да се стекнат со противправна имотна корист од 324.795 денари, а на штета на буџетот на општина Чешиново-Облешево.

На 18.02.2019 година околу 23 часот на улицата „Живко Брајковски“ во Гостивар од слобода биле лишени А.Н.(20) и А.М.(22) од гостиварското село Дебреше.

Полициски службеници извршиле преглед над нив, при што пронашле и одзеле марихуана. Двајцата биле задржани во Полициската станица Гостивар, а по целосно документирање на случајот против нив ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.

На 17.02.2019 година во 23.30 часот во Полициска канцеларија Богданци, поради сомнение за сторено кривично дело „овозможување употреба на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“, од слобода биле лишени Н.Р.(19) и К.М.(24) од Гевгелија.

Притоа, кај нив била пронајдена и одземена марихуана.

На 17.02.2019 година во 19.30 часот во Полициска станица Радовиш од слобода биле лишени и задржани Ѓ.М.(19) и С.М.(23) од село Ракитец, општина Конче.

Претходно, лицата биле запрени на улица „Свети Спасо Радовишки“ во Радовиш, при што кај Ѓ.М. биле пронајдени и одземени марихуана, еден пиштол за светлосно звучна сигнализација „Фиртина Супер Магнум“ калибар 9 милиметри и три куршуми за него, додека кај С.М. била пронајдена и одземена марихуана. По документирање на случајот ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.

На 18.02.2019 година во 20.15 часот во СВР Скопје, А.Б.(41) од Скопје пријавил дека истиот ден околу 19.30 часот на булеварот „Кузман Јосифовски-Питу“ неговиот 16-годишен син бил физички нападнат од неколку лица.

Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Прилеп поднесе кривична пријава против С.П.(25) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“.

На 24.10.2018 година во Прилеп полициски службеници извршиле преглед над А.Н., при што пронашле и одзеле марихуана, која претходно ја купил од пријавениот.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Дебар поднесе кривична пријава против Б.Б.(24) од Дебар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотична дрога, психотропни супстанци и прекурсори“.

На 12.07.2018 година во 22 часот во Дебар полициски службеници извршиле преглед над пријавениот, при што пронашле и одзеле марихуана.

На 18.02.2019 година во 23.35 часот во СВР Скопје, И.И.(29) од Скопје пријавил дека истиот ден околу 22.30 часот на улицата „Орце Николов“ физички бил нападнат од четири лица.

Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

СВР Охрид поднесе кривична пријава против И.Т.(37) од село Ботун, општина Дебарца, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.

На 31.07.2013 година пријавениот, како градоначалник на општина Дебарца, спротивно на одлуката на општината, извршил распределба на 20.000 денари на здружение за едукација на жената во руралната средина од село Велмеј, во кое одговорни лица се неговата сестра В.А. и лицето С.А. И покрај тоа што здружението не го исполнувало условот за претходно спроведување на активности од најмалку шест месеци, со што им овозможил да се стекнат со противправна имотна корист за наведениот износ, а на штета на Буџетот на општина Дебарца.

На 18.02.2019 година во 15 часот во СВР Скопје, социјален работник во Домот „25-ти Мај“-Скопје пријавила дека на 17.02.2019 година околу 17 часот на булеварот „Кузман Јосифовски-Питу“ нивен 17- годишен штитеник бил физички нападнат од едно лице.

Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

СВР Велес поднесе кривична пријава против В.С.(36) од село Оморани, општина Чашка поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“, против В.К.(54) од Велес – вработена во Шумско стопанство „Бабуна“ како шумски техничар – референт по превоз, Р.Х.(54) од село Бузалково – вработена во Шумско стопанство „Бабуна“ како шумочувар, Н.П.(42) од Штип – вработен во ШС „Бабуна“ како референт по сеча и дотур поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“ и против Г.Ц.(23) од село Ржаничино, Скопско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „поттикнување“.

Во текот на 2018 година првопријавениот, како самостоен техничар во ШС „Бабуна“, на петтопријавениот му издал две одобренија за сеча на вкупно 85 метри кубни  огревно дрво од парцела во атар на село Џидимирци и покрај тоа што знаел дека на наведената парцела има околу 19 метри кубни огревно дрво. По ова, второ, трето и четвртопријавениот, со пропуштање на должен надзор при сеча, дотур и жигосување на огревно дрво од страна на петтопријавениот, му овозможиле на истиот да исече и превезе 56,65 кубни метри огревно дрво, со што се стекнал со противправна имотна корист на штета на Буџетот на ЈП „Македонски Шуми”.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против Ф.С.(25) и З.С.(32), двајцата од село Падалиште, Гостиварско, поради постоење снови на сомнение за сторени кривични дела „пустошење на шума“ и „кражба“.

Во атар на село Падалиште, на место викано „Бериковски Рид“, од парцела сопственост на Ќ.А.(65) од село Падалиште, пријавените бесправно исекле букови дрва.

На 18.02.2019 година во 20.15 часот во СВР Скопје, Ф.М.(19) од Скопје пријавил дека околу 19.30 часот на булевар „Кузман Јосифовски-Питу“ бил физички нападнат од неколку лица.

Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.