Ранг-листите со запишани ученици од првото пријавување во јунскиот рок за средно образование за учебната  2020/2021 година училиштата ќе ги објават  денеска по 15 часот.

Пријавувањето беше спроведено на 16, 17 и 18 јуни во периодот од 7 до 19 часот,  а во некои училишта пријавување има и денеска од 7 до 13 часот. Училиштата во кои бројот на пријавени ученици во последните години е помал од бројот предвиден во конкурсот, организираа пријавување само во вторникот и средата (16 и 17 јуни).

За прием на ученици во прва година средно образование треба да бидат исполнети условите наведени во Конкурсот на Министерството за образивание и наука за запишување ученици во прва година во јавните средни училишта за настава во гимназиско, стручно, уметничко и за средно образование за ученици со посебни образовни потреби.

Уписот беше организиран и спроведен согласно со насоките од Протоколот усвоен од Владата по препорака од Комисијата за заштита од заразни болести. Според протоколот, документите се поднесуваа по азбучен ред на презимето, според распоредите кои училиштата ги објавија во петокот и по интерено одреден временски период.

Јавните средни училишта во кои се пријавени поголем број ученици со ист број поени од предвидениот во Конкурсот ќе организираат квалификациско тестирање на 22 јуни со почеток во 10 часот.

Учениците кои се пријавиле за гимназиско образование (за сите подрачја) ќе бидат тестирани по наставниот предмет математика и по македонски, албански, турски, односно српски јазик, зависно од тоа на кој јазик ја следеле наставата во основното образование.

 

За учениците кои се пријавиле за здравствена струка (за сите образовни профили), пак, ќе се организира проверка на знаењето по наставните предмети биологија и хемија, исто така на јазикот на кој ја следеле наставата во основното училиште.

Како што вчера соопшти МОН, конечните ранг-листи со резултатите од квалификациското тестирање ќе бидат објавени истиот ден, 22 јуни 2020.

Според роковите од Конкурсот, второто пријавување и запишување е на 24 и 25 јуни, а третото пријавување ќе биде на 29 јуни.