Градинките ќе продолжат со згрижувачката дејност и во време на штрајк, велат од Министерството за труд и социјална политика во соопштение до јавноста.
– Во согласност со Конвенцијата за правата на детето, одредбите во Уставот на РСМ и Законот за заштита на децата на РСМ, неприкосновено право на децата е да им биде пружено згрижување и воспитание во предучилишни установи како облик на заштита на децата. Согласно Законот за заштита на децата, во преучилишните установи за деца, вршењето на дејноста згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст не смее да се прекинува освен за вонредни состојби (природни непогоди, епидемии и друго), за што решава основачот, а по претходна согласност од Министерството за труд и социјална политика, но не и за време на штрајк, осочуваат од Министерството.
По повод најавениот штрајк од страна на СОНК и во предучилишните установи, а кое право е загарантирано право на работниците согласно со Уставот, при остварувањето на правото на штрајк вработените, како што посочуваат од Министерството, се должни да обезбедат непречено згрижување и воспитание на децата од предучилишна возраст.
Грижата за најмладите, децата е приоритет, а заштитата на нивните права, наша заедничка одговорност, се вели соопштението од Министерството за труд и социјална политика.