Владејачкиот СДСМ и со денешните соопштенија и прес-конференции „го штити стандардот на граѓаните, им помага на земјоделците, го зголемува производството итн.“ Ги објавуваме нивните соопштенија во целост и нивните погледи преку „розови очила“ јавноста да знае како изгледаат состојбите во Македонија видени од седиштето на владејачката партија:

Со антикризните мерки Владата предводена од СДСМ спречи ценовен шок во време на најголема криза

Во време на светска криза, Владата предводена од СДСМ презеде навремени и ефикасни мерки кои го штитат стандардот на граѓаните и обезбедуваат помош за компаниите.

Благодарение на антикризните мерки, сметките на граѓаните се намалени за 4.000 денари месечно.

Со намалување на ДДВ за основните производи од 5% на 0%, од април до јуни, граѓаните заштедуваат во просек 1.500 денари месечно.

Најголема заштеда има во однос на сметките за електрична енергија. Доколку Владата не ја субвенционираше струјата, сметките за струја на граѓаните во просек би биле повисоки за 2.150 денари на месечно ниво.

Граѓаните секој месец заштедуваат околу 300 денари преку намалување на стапката на ДДВ од 18% на 10% за горивата.

Минималната плата порасна на историски највисоки 18.000 денари, што е за двојно повеќе отколку пред четири години.

Пред неколку години за да се покрие минималната кошничка беа потребни над четири минимални плати, денес две минимални плати се доволни да се покрие кошничката која за март изнесува 36.768 денари.

Потрошувачката кошничка за месец март е зголемена за околу 1.000 денари, но разликата се покрива со дополнителните 1.000 денари помош за следните три месеци кои ја добиваат 330.000 пензионери и околу 35.000 семејства со ниски примања.

Платите растат во сите сектори. Во изминатите четири години, платите во образованието пораснаа за 20%, во здравството, лекарите добиваат од 23 до 40% повисоки плати, вработените во градинките сега добиваат плати повисоки за 21% отколку пред четири години, пораснаа платите и во одбраната, полицијата, културата и јавната администрација.

Согласно рокот предвиден во Законот за минимална плата, следува и усогласување на сите плати.

СДСМ, преку Владата и парламентарното мнозинство продолжува да дава силна финансиска поддршка и помош на граѓаните во услови на најголемата економска и енергетска криза со која се соочува светот.

Со Интервентниот план зголемуваме производство и ги поддржуваме земјоделците во време на криза)

(Прес-конференција, Трајан Димковски, член на Комисија за земјоделие на СДСМ

Почитувани граѓани, почитувани новинари,

Владата предводена од СДСМ постојано презема навремени и ефикасни мерки за поддршка на земјоделството.

Во овие кризни времиња, кога цената на житните култури и храната воопшто, досегаат историско највисоко ниво, многу важно е да го зголемиме домашното производство на храна.

Како одговорна партија го правиме токму тоа.

Владата го донесе Интервентниот фонд за земјоделство вреден 400 милиони денари со цел да им помогне на одгледувачите на житни култури.

Фондот предвидува директна поддршка за набавено вештачко ѓубре субвенција за набавка на вештачко ѓубриво којашто ќе изнесува 40% или 4.000 денари по хектар за пченицата и за пченката и нова интервентна субвенција од 2.500 денари по хектар за јачмен и сончоглед.

Оваа недела се исплатија близу 112 милиони денари субвенции на над 5.600 млекопроизводители а претходно, пред десеттина денови, исплатени се над 450 милиони денари субвенции за полјоделски култури меѓу кои и за сончогледот и маслодајната репка.

Покрај поддршката за земјоделците важно е да се истакне и дека вложуваме во подобри и во значајни инфраструктурни проекти за земјоделството.

Започна изградбата на системот за наводнување на Селска река во Конопница, а воедно во изградба се и другите два системи за наводнување во Бишица и Теарце.

Изградбата на овој мал систем за наводнување, ќе придонесе кон зголемување на земјоделското производство во овој регион и ќе овозможи наводнување на нови 42 хектари обработливо земјоделско земјиште на локација во селото Конопница, а системот ќе го користат повеќе од 100 земјоделци.

Сето ова почитувани е само дел од директната помош на Владата предводена од СДСМ насочена кон земјоделците.

Продолжуваме да инвестираме во оваа значајна стопанска гранка со цел земјоделското производство да се зголеми и да стане уште повеќе конкурентно.

Центар за односи со јавноста на СДСМ