Врховниот суд на Белорусија ги прогласи „Единиците за цивилна самоодбрана на Белорусија“ за терористичка организација и ги забрани нејзините активности во земјата, соопшти Јавното обвинителство.

Тие тврдат дека структурата е воспоставена во септември 2020 година од страна на германскиот државјанин Денис Хофман со цел „извршување незаконски активности и обединување на радикални граѓани за присилна промена на државната власт“.

Според Обвинителството, „за регрутирање и односи со симпатизери“, како и за „заедничко извршување злосторства“ на апликацијата Телеграм се формирани канали и четови, каде претплатниците биле обучувани како да направат импровизирани експлозивни направи и тактики за спротивставување на силите за одржување на редот. Минск тврди дека единиците веќе презеле чекори за „извршување терористички акти“ на територијата на Белорусија.

Министерството за внатрешни работи на Белорусија објави дека два други канали на Телеграм – „Кибер партизани“ и „Кибер истекување“, се оквалификувани како екстремистички. Двата канали објавија материјали чија цел е „дискредитација на полицајци, владини службеници и поттикнување на јавна омраза“.