Европска кампања ќе водат ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата на претстојните претседателски избори, најави денеска потпретседателот на партијата Владо Мисајловски, откако во ДИК и официјално ја поднесе кандидатурата на нивната кандидатка за иден шеф на државата Гордана Силјановска Давкова со поддршка од 17.000 граѓани.
-Денеска е убав ден за сите граѓани на Република Македонија, бидејќи имаме одличен кандидат, кандидат што ќе го прифатат мнозинството граѓани и ќе се обединиме кон една голема победа за Република Македонија, рече Мисајловски и ги повика сите граѓани да им се приклучат за да ја поведат, како што посочи, оваа борба и битка за правда.
Нагласи дека Гордана Силјановска Давкова е вистинскиот избор за иден претседател на државата и додаде оти очекуваат одлична кампања зашто има основа за добар натпревар при што ќе победи најдобриот, а според нив тоа е Гордана Силјановска Давкова.
Кандидатурата на Силјановска Давкова е поднесена од подносителот ВМРО-ДПМНЕ, рече Мисајловски одговарајаќи на новинарско прашање дали е поднесена под името Република Македонија или Република Северна Македонија.
-Реалноста е дека оваа влада го смени името на Република Македонија, реалноста е дека ги изменија сите македонски термини, реалноста е дека оваа влада колку и да збореше дека го заштитува сето она што е македонско, тоа не се случува, рече Мисајловски и додаде дека неговата партија ќе проба на секој начин да го врати идентитетот.
Наскоро најави презентирање на програмата која се уште се изработува која што, како што рече, ќе допре до сите граѓани и најави европска кампања, бидејќи неговата партија себеси се гледа во Европа.
На прашањето како членовите на ВМРО-ДПМНЕ гласале вчера во Брисел во врска со суспензијата на партијата на унгарскиот премиер Виктор Орбан од ЕПП, Мисајловски одговори оти најдобро е да се причека делегацијата да се врати и детално да одговори точно за што се гласало за секое прашање поединечен.
Непосредно пред поднесувањето на кандидадтурата на Сиљаноска, во ДИК беше доставена кандидатурата и на кандидатот за претседател од СДСМ и колаицијата, Стево Пендаровски. Пред два дена кандидатурата ја поднесе и кандидатот на албанската опозиција Блерим Река.