Цврсто веруваме во родовата еднаквост и затоа една од најпрепознатливите политики и стратешки приоритети во Министерството за одбрана и во Армијата е правичната родова застапеност и создавањето еднакви услови за развој во кариера и за жените и за мажите, рече во видео обраќање министерот за одбрана, Владо Мисајловски.

-Ентузијазмот, професионалноста и посветеноста на сите жени и мажи во Министерството и во Армијата за создавање поотворена работна средина без предрасуди на родова основа е евидентна. Тоа резултираше со исклучителен напредок во интегрирањето на родовата компонента и родовите аспекти во законските, подзаконските акти и стратешките документи, вклучително и работните позиции кои се подеднакво достапни за сите. Денес имаме најголем број на офицерки во историјата на Армијата, а на половина од раководните позиции во Министерството се поставени жени. Продолжуваме посветено да ја унапредуваме родовата перспектива затоа што само заедно, со целосниот капацитет на нашите вработени можеме да создадеме синергија која ќе овозможи државата и граѓаните да продолжат да бидат безбедни и сигурни, истакна Мисајловски.