Јавноста беше сведок на 18-ти август, кога видоа дека сите 44 пратеници се против промената на Уставот, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски на утринска емисија на Алфа телевизија.
– И тогаш започнува операцијата на власта да се најдат луѓе кои ќе го поддржат Уставот итн. Но, еве јас можам од ова студио да кажам дека нема такви луѓе во пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата нема да гласаат измена на Уставот по ниту една цена, нагласи Мисајловски.
Тој потсети дека остана уште малку време до избори.
-Останаа уште малку месеци до избори, уште шест месеци. А, самиот процес за да се поминат овие уставни измени треба околу 4 до 4 ипол месеци. Значи останува уште многу малку време. Но, јас би потсетил на една изјава што ја даде премиерот Ковачевски, кој што спомна дека ќе направат се за уставните измени. И неколку пати од новинарите имаше дополнително прашање што значи тоа се. Тој и неговите функционери велеа се што е потребно. Но, се што е потребно тие под завесата контактираа, се обидуваа на било кој начин дали со старо раководство, дали со одредени партии, на некој начин да најде како да убеди дел од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за уставни измени. Но, еве пак јасно ќе кажам ВМРО-ДПМНЕ нема да потклекне, пратениците нема да ги изгласаат уставните измени, рече Мисајловски.
Тој додаде дека власта сака да работи по онаа старата изрека – „Раздели, па владеј“, но тоа нема да им успее кај ВМРО-ДПМНЕ.
– Тоа многу добро го прават во албанскиот блок, поготово во албанската опозиција. Затоа таму немаме здрава опозиција. Да, има одредени партии, но треба сите да се сплотат за да го победат ДУИ. ДУИ е еден од учесниците од болното сценарио што се случи при промената на името, и сега сакаат исто такво сценарио. Но, такво сценарио нема да се случи овојпат за уставни измени. И затоа сакам да порачам дека сите на купче ќе бидат победени на следните избори, нагласи Мисајловски.
Тој порача дека ВМРО-ДПМНЕ ја има најсплотената и најдобрата пратеничка група. Тој дури потсети дека партијата на анкетите води дури 3:1, што е сериозна разлика за било кој опонент.