Ако со Заев Македонија го допре дното, сега со Ковачевски го проби, истакна на денешната прес-конференеција Владо Мисајловски потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Интегрално го објавуваме текстот од прес-кобференцијата:
Вчера македонската јавност беше сведок на досега невиден меѓународен блам. Вчера видовме како Димитар Ковачевски го надмина Зоран Заев во секој поглед во погазувањето на достоинството и дигнитетот на државата преку срам на јавна меѓународна сцена.
Не се само понижувачки зборовите со кои Македонија беше посрамена и навредена на меѓународна средба пред балканските лидери и германскиот канцелар, туку уште повеќе тоа што Ковачевски сето тоа го проследи со недоветно смеење и одобрување.
Вчера кога го преставуваа како премиер на идна западна Бугарија, Ковачевски ако имаше грам достоинство ќе реагираше во одбрана на својата држава која ја претставува и за што зема плата од граѓаните, а не уште без врска да се смее и да се радува.
Што има за смеење и радување господине Ковачевски?
Ако вака понизно и со измеќарски пристап реагирате на јавни омаловажувања и понижувања на Република Македонија, тогаш е јасно дека вие немате кредибилитет и авторитет во меѓународните односи да ги застапувате и штитите македонските национални и државни интереси. Оваа вчерашна сцена само ја соголи вистинската слика за целиот сјај на бедотијата со која се води нашата дипломатија.
Очигледно дека тие кои ја негираат и омаловажуваат и се мајтапат на сметка на Македонија се охрабрени затоа што спроти себе имаат политичари без кичма, со измеќарска ментална матрица кои немаат патриотско чувство, туку само болна амбиција и желба за власт.
Ова однесување на Ковачевски е срамно и бедно. За ваквото навредување на својата земја тој должи не само извинување туку оставка, како чин на одговорност за срамот кој се нанесе на меѓународна сцена. СДСМ е таа која должи извинување за ова поведение на Ковачевски, но тие решија тоа да го бранат.
Со тоа СДСМ решија да ја навредуваат интелигенцијата на своите граѓани. Ова кое што СДСМ се обидува да го направи е да го убедува народот дека тоа што некој го плука е всушност дожд.
Доволно се порази, понижувања и погазување на националното достоинство. Доволно се срам и неуспеси со оваа влада. Време е да се каже – премногу е! Време е за протест за промени. Народот на 18-ти јуни јасно и гласно ќе каже доста е за оваа власт на СДСМ и ДУИ, меѓудругото и заради овој срам кој го приреди Ковачевски.
Време е за избори и нова достоинствена и просперитетна иднина за Македонија.