Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска оствари средба со началникот на Генералштабот на германските вооружени сили, генералот Карстен Бројер, кој е во официјална посета на Македонија.
-Разговаравме за нашата одбранбена соработка која се темели на доверба, заеднички вредности и посветеност кон колективната одбрана, како и за можностите за нејзино понатамошно унапредување и продлабочување. Германија е наш докажан пријател и сојузник и во моментов работиме на заеднички проекти кои се од особено значење за македонската армија и за зајакнување на одбранбените способности, посочува Мисајловски.
Додава дека Македонија особено ја цени германската поддршка и партнерство во развојот на капацитетите на нашата Армија.
Генерал Бројер беше пречекан со високи воени почести во Генералштабот на Армијата. По официјалните разговори помеѓу двете делегации предвиена е заедничка изјава за медиуми од генералите Лафчиски и Бројер.
Во рамките на посетата, генералот Бројер ќе оствари средби и со претседателката и врховен командант на Вооружените сили Гордана Сиљановска-Давкова и претседателот на Владата Христијан Мицкоски.




