Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и носител на листата кандидати за пратеници во Втората изборна единица Владо Мисајловски денеска најави за 500-те најдобри студенти од државните универзитет вработувања во државните институции.

-Она што ние го ветуваме во нашиот проект „Обнова за Македонија“, таму секој од младите може да се пронајде, како младите да останат во Македонија, како да останат да учат на најдобрите универзитети и навистина оние најквалитетните луѓе да го добијат заслуженото место тука во институциите во Македонија, изјави Мисајловски во Бутел, каде денеска има повеќе средби со граѓаните.

Тој нагласи дека безбедноста во Бутел мора да биде на повисоко ниво.

-Тоа е едно од најважните прашања што го задира секој еден граѓанин, а посебно мајките, бабите и сите овие жени кои што сакаат нивните деца да останат тука. Но, исто така една од најгорливите прашања е инфраструктурата. Во Бутел има недоволно инфраструктурни проекти. Младите немаат доволно простор каде да се собираат, тие исто така бараат повеќе инфраструктурни катчиња, рече Мисајловски.

Граѓаните, како што рече, бараат што побрзо да се започне со обновата на Македонија, но не само во инфраструктурата, туку и во здравството тука во Бутел, во културата и насекаде во изборната единица 2.