Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ и носител на листата кандидати за пратеници во Третата изборна единица Игор Јанушев денеска соопшти дека 40 отсто од новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат жени.

– Она што сакам да го соопштам, а што веќе го разговаравме и со членките на Унијата на жени, она што планираме како ВМРО-ДПМНЕ во следните четири години предводејќи ја владата да го направиме во однос на родовата еднаквост и затоа најавуваме дека 40 проценти од новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат жени, изјави Јанушев во Свети Николе, каде има средба со граѓаните.

Посебен акцент, како што рече, ќе ставиме на семејното насилство, односно искоренување на семејното насилство и донесување на жената на она место кое што навистина го заслужува во општеството.

-Ќе обрнеме особено внимание на жената земјоделец, кое што е многу сериозно прашање особено во Свети Николе и Светиниколско бидејќи земјоделството е една од главните гранки од што живее овој наш трудољубив народ, рече Јанушев. Потсети и на поддршката во спортот.