Целата наша македонска национална историја е полна со борби против предавниците, а најмногу против Грците. Тие и денес не’ гонат од родните пепелишта, потсетувајќи не’ на нашиот стар историски долг да ги изгониме неканетите гости од нашите дедовски, предедовски земји. А тоа е македонското национално чувство, тоа е историскиот повик на Македонецот што може да го исполни само како слободен и рамноправен граѓанин на кого му е дозволено да мисли, да чувствува, да зборува и да дејствува како Македонец, запишал Мисирков пред повеќе од деведесет години.

Пишува: Блаже Миневски

Според Крсте Петков Мисирков, односно според неговиот текст објавен на 3 март 1924 година во софискиот весник „Мир“, светот и културното човештво треба да бидат повнимателно кон Македонците, да не ги продаваат и раздаваат без да водат сметка за нивните чувства и желби:

„Ние, Македонците, не му сакаме несреќа на човештвото, но истовремено би сакале и културното човештво да биде повнимателно спрема нашите човечки барања – да ни се даде право за национално самоуправување, зашто и ние сме луѓе, а не добиток што го продаваат и го раздаваат без да водат сметка за неговите чувства и желби“.

Се разбира, ваквите ставови биле многу опасни за пропагандата што се воделе во Македонија, па затоа, еден ден, уредникот на „Мир“, Иван Пеев-Плачков го „посетиле“ тројца „мистериозни персони“заканувајќи му се со смрт ако продолжи да печати такви статии.

Преплашениот уредник веднаш му се јавил на Мисирков во Карлово за да го извести дека веќе „нема да биде во состојба да му објавува статии за македонското прашање“.

„Македонскиот национализам“

Сепак, во март 1925 година, во истиот весник, Мисирков успеал да објави уште две статии кои можат да бидат опомена и за некои денешни Македонци, имајќи ја предвид актуелната состојба во Македонија:

„Ние, македонската интелигенција, без сомнение, ја носиме најголемата одговорност за положбата во која денеска се наоѓа нашата татковина. Меѓутоа, има околности што ја намалуваат нашата вина, не оправдуваат пред нашите несреќни сонародници, особено пред оние што прокудени од своите родни огништа се принудени денеска немили и недраги да скитаат низ разните краишта на Бугарија. Цели триесет години се водеше херојска борба на Македонците за соборување на турското ропство. Едновремено со тоа во Македонија беснееја, деморализирајќи дел од населението, туѓите пропаганди. Македонската интелигенција се оддаде пред се’ на револуционерна дејност. Но имаше и такви што наоѓаа дека има и други патишта и можеби не помалку важни од револуционерната борба за успехот на македонското дело.

Мојата книшка За македонските работи, издадена во Софија во 1903 година, и мојата статија „За значењето на моравското или ресавското наречје за современата и историската етнографија на Балканскиот Полуостров”, покажуваат дека дел од македонската интелигенција барала и наоѓала и други средства за борба преку македонската научна мисла и македонската национална свест.

Јас не се каам што уште пред 28 години се објавив за македонскиот сепаратизам. За мене тоа беше и останува единствениот излез, најдобриот пат по кој македонската интелигенција би го исполнила и ќе го исполни својот долг пред татковината и пред нашиот народ“, пишува Мисирков, додавајќи дека „само со Македонци,  Македонија ќе биде на Македонците, а не без нив“.

„Македонците или треба да си останат на родните места, или пак, ако им е судено да се местат, тие треба да се преместат од едниот крај на Македонија во друг крај, но пак во Македонија, а не во Бугарија, Србија или Елада. Изгонети од грчка Македонија, Македонците требаше да отидат во српска Македонија, да образуваат воени населби и да го дочекаат денот кога би можеле да се вратат на родните пепелишта…

Нека ми биде простено, но јас, како Македонец, на прво место ги поставувам интересите на мојата татковина и моите сонародници… Јас сум Македонец, со македонска свест, и како таков си имам свое македонско гледиште врз минатото, сегашноста и иднината и на мојата татковина и на целото јужно словенство и затоа сакам и нас Македонците да не’ прашаат за сите прашања што не засегнуваат нас и нашите соседи…

И нека бидат уверени сите заинтересирани дека кај Македонецот ќе се најде достатно такт, предвидливост, самопожртвување за постигањето на едно општо добро на Балканот, доста е да биде почитувано националното и личното достоинство на Македонецот“, пишува меѓудругото Мисирков во весникот „Мир“ објавен на 12. март 1925 година

Свеста дека си Македонец стојат над се друго на светов!

Во истиот весник, две недели подоцна, Мисирков го објавува својот втор текст, кој, всушност, е одговор на лавината напади предизвикани од неговата претходна статија посветена на „македонскиот национализам”. Во текстот меѓудругото пишува:

„Јас многу добро знаев дека ќе бидам нападнат за мојот „Македонски национализам”, дека тој на никаков начин нема да биде отпечатен во весникот „Илинден”, и дури не бев уверен дека ќе го отпечати и весникот „Мир“. При сето тоа ја напишав статијата и ја испратив во Редакцијата на „Мир“. И на другиот ден по нејзиното печатење, весникот „Слободна реч” направи од мене човек што уште не си ја знае народноста.

За жал, „Слободна реч” не можеше да ме одучи од моите „простачки умувања”. Јас пак наоѓам дека Македонија денеска е распокината, дека Грците успеаја да и’ ги земат најдобрите делови, да го испадат оттаму македонското население и да го заменат со азијатски доселеници што денеска се трупаат покрај српската и бугарската граница, како што едно време византиските императори се трупаа на бугарската граница, образувајќи воени населби од азијатски колонисти…

Наоѓам исто така дека ако Србите и Бугарите не се помират, и ако Македонците не бидат впрегнати во доброволна соработка со Бугарите и со Србите за запирањето на грчкиот бран што бавно, но сигурно се движи од југ на север, сите ние – и Србите и Бугарите и Македонците – ќе потонеме во несловенското море што од сите страни не опкружува. Мислам дека само во слогата, во соработката помеѓу Србите, Македонците и Бугарите е спасот на сите нас.

Србите и Бугарите спореа, печалеа Грците и Романците, ја загубија Македонија, Тракија и Добруџа. Сепак, најважниот услов за соработката помеѓу Србите, Бугарите и Македонците е – полната слобода во самоопределувањето на Македонците. И ете за последново прашање јас го истакнав принципот на македонскиот патриотизам и национализам, како наполно неутрален и задоволувачки и за Србите и за Бугарите и за Македонците; засега можеби поправилно би било да се рече дека еднакво не ги задоволува ни Србите, ни Бугарите, ниту пак Македонците“.

Во продолжение на текстот, објавен пред повеќе од деведесет години, Мисирков констатира дека „од српско-бугарската несогласност страдаме пред се’ ние, Македонците, и наш долг е да го бараме средството и патот за помирувањето“, подвлекувајќи дека соседите мора да се помират со тоа дека Македонците се тука, дека постојат и дека имаат „свои, македонски национални чувства“, дека сакаат да создаваат македонска култура, „како што сме го правеле тоа со векови и кога нашата татковина не влегувала во една држава со вашите.

Како Македонци, ние ќе бидиме пополезни и на Македонија, и на Бугарија, и на Србија, воопшто на целото јужно словенство, отколку како Бугари или Срби. Како Бугарин јас одамна би рекол: Каква ти Македонија! И тука ми е добро, нема зошто да мислам за она што е веќе загубено. Но како Македонец, јас во Бугарија се чувствувам како на туѓина, каде што навистина се наоѓам меѓу родни браќа, но не сум дома, во својата татковина. Таа е таму, каде што сум се родил и каде што јас треба да си ги оставам коските, каде што треба да отиде мојот син, ако не ми биде судено да отидам јас лично. Свеста и чувството дека сум Македонец треба да стојат повисоко од се’ друго на светов…

Безусловната и безгранична љубов кон Македонија, постојаното мислење и работење за интересите на Македонија, македонскиот национален дух, јазикот, народната поезија, обичаите… е мојот национализам. Ние сите ќе изумреме, но нема да дозволиме грчка нога да ги пречекори денешните граници на српска и бугарска Македонија. Но тоа ќе го направиме ние како Македонци, но не и како Срби. Со Грците ние ќе се бориме, зашто се единствените наши вековни историски непријатели. Целата наша македонска национална историја е полна со борби против Грците. Борба со Бугари и со Срби не познава македонската историја: Бугарите и Србите ги почитуваа националните права на Македонците во средните векови. Само Грците ни го убиваа националниот дух и не’ денационализираа. Тие и денеска не’ гонат од родните пепелишта и следствено не’ потсетуваат за нашиот стар историски долг да ги изгониме неканетите гости од нашите дедовски, предедовски земји. Тоа е македонското национално чувство, тоа е историскиот повик на Македонецот што може да го исполни само како слободен и рамноправен граѓанин на кого му е дозволено да мисли, да чувствува, да зборува и да дејствува како Македонец“, ја завршува Мисирков својата статија објавена во „Мир“.

Само една година и четиресет дена подоцна, тој е примен во болницата на д-р Палчев во Софија, а набрзо преместен во Александровата болница, денес Интерната клиника на Медицинскиот факултет во Софија. Според спомените на неговата сопруга Екатерина, таму, во болницата, Мисирков шест недели бил лекуван без точно утврдена дијагноза, односно со претпоставка дека е менингит или енцефалит.

По шест недели боледување и повремени несвестици, на 26 јули 1926 година, Крсте Петков Мисирков умира во Александровата болница. Подоцна е утврдено дека умрел од тумор во мозокот. Мртов цел ден лежел во болничкиот кревет а до него била само сопругата; немало кој да го пренесе во мртовечницата; Екатерина немала пари за погреб. Свеќите што ги запалила и ги донеле милосрдни сестри. Болницата понудила да го остави телото за секцирање, но Екатерина и синот Сергеј – одбиле. Следниот ден, за разлика од многумина одродени Македонци во Софија, кои биле испраќани со државни почести, Мисирков до гробот за сиромашни во Софиските гробишта го испратиле само неколку роднини и два – тројца пријатели. За жал, „културното човештво“ не беше внимателно кон неговите „човечки барања“.