НА ДЕНЕШЕН ДЕН: Катастрофален потрес од 6,1 степен по Рихтер од Скопје привремено направи град без деца и без дом остави 200.000 жители

/ 26.07.2021

Утрото во 5:17 часот, на денешен ден пред 57 години, катастрофален земјотрес го погоди Скопје и одзеде околу 1.100 животи, 3.000 граѓани биле повредени, а без дом останале околу 200.000 жители на главниот град на Македонија.

Земјотресот од 26 јули 1963 година е една од најкатастрофалните природни непогоди што го погодила Скопје и Македонија. Силината на земјотресот била 9 степени според Меркалиевата скала, односно 6,1 степен според Рихтеровата сеизмичка скала. Потресот траел 20 секунди, а потоа серија помали потреси имало до 5:43 часот.

Во својата историја, градот повеќе пати пропаѓал и одново се градел. На просторот меѓу селата Злокуќани и Бардовци бил градот Скупи, центар на провинцијата Дарданија. Овој римски град во 518 година, исто така, бил целосно разурнат од земјотрес. Регионот околу реката Вардар е зона со висока сеизмичка активност. Скопје целосно било разрушено од земјотрес и во 1555 година.

Скопскиот земјотрес од 26 јули 1963 година бил почувствуван на простор од околу 50.000 квадратни километри, низ долината на реката Вардар. Од потресот биле урнати 15.800 станови, а оштетени 28.000 домови. Под урнатините животот го загубиле 1.070 негови граѓани, а некои од повредените починале подоцна.

По земјотресот градот почнал да се гради по урнек по проектите на Кензо Танге и Адолф Циборовски. Старата железничка станица денес е Музеј на Град Скопје и претставува симбол на големиот земјотрес. Сказалките од часовникот на станицата се сопрени во моментот на фаталниот удар ви 5:17 часот изутрината, додека градот се уште бил во летен сон.

Првата помош за граѓаните на Скопје дошла од војската и од тогашните југословенски републики, а неколку дена по земјотресот започнала да пристигнува помош и спасувачки екипи од целиот свет. Точно 87 нации од светот испратиле некаква помош во Скопје кои помогнале тој да се изгради повторно, поради тоа градот го носи и епитетот „Град на солидарноста“.

Во Скопје, за првпат во времето на Студената војна меѓу капиталистичкиот запад и комунистичкиот исток, се сретнале американски и советски воени сили кои заеднички им помагале на настраданите скопјани.

Според некои податоци во земјотресот загинале 120 деца и една од првите мерки на тогашните градски власти било евакуирање на скопските деца низ Македонија и низ тогашна СФРЈ. За да биде евакуирањето поорганизирано, било формирано Одделение за народна одбрана при Градското собрание, а со евакуација биле опфатени и неактивните жители: жени, стари и изнемоштени, инвалиди и сите деца до 15 годишна возраст. Вкупно 105.000 лица биле евакуирани по земјотресот, од кои околу 30.000 биле деца.

Дел од евакуираните, 63.200 лица, заминале кај свои роднини и пријатели во внатрешноста на Македонија, а 41.743 биле распоредени во другите тогашни југословенски републики.

Така, извесен период по земјотресот, Скопје станал град без деца.

(Подготвил: Д.Г.)


Од истата категорија