Осум лица се обвинети за незаконски археолошки истражувања и шверц на артефакти, а меѓу нив е и инфектологот Вело Марковски. Докторот кој веќе неколку месеци е задолжен за креирање на политиките на ВМРО ДПМНЕ во областа на здравството, заедно со уште седум други се товари дека преку илегални ископувања на археолошки локалитети во земјава, се стекнале со личен профит, објавуваат низа медиуми во Северна на Заев.

„Лицата се обвинети дека во текот на 2017 и 2018 година поединечно или заедно, без дозвола од надлежни органи, вршеле недозволени археолошки истражувања и ископувања на археолошки локалитети и локалитети со природни реткости на територијата на Македонија. Пронајдените добра неовластено ги присвојувале и прикривале, а потоа добрата неовластено ги продавале на купувачи во земјава и во странство“, објави Основното јавно обвинителство.

Според ОЈО, тројца од обвинетите биле иницијатори на групата, а потоа на неа се придружиле Марковски и уште четири лица. Тие меѓусебно разменувале сознанија за археолошки локалитети и со употреба на метал – детектори и сонди неовластено присвојувале природни реткости.

Домот на инфектологот, според обвинението, бил еден од трите каде што се криеле артефактите додека да се пронајдат купувачи, кои ги изнесувале надвор од државава.

Според Обвинителниот акт сите обвинети, тројца како организатори и петмина како припадници на групата, сториле кривично дело „Злосторничко здружување“.