Додека нема функционален правен систем кој што ќе се справи со тоа што се случува, ние ќе се соочуваме со вакви работи, истакна Марија Митева, портпарол и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ во гостување во емисијата „Студио 10“ на ТВ24.

– Гневна сум, бесна сум, многу пропусти се направени во текот на целата, не знам како да ја наречам постапка, истрага или сл. што јас ги воочувам, што јас сметам дека можеби можело и требало подобро да се направат. Многу прашања се отворени во јавноста, одговори за истите немаме. Постојано ги слушаме истите оправдувања дека станува збор за предистрага, дека не можеме итн. Мислам дека единствено што очекувам не е лидерска средба туку очекувам од цела Влада веднаш да си поднесе оставка и датум за избори да дојде што поскоро затоа што на овие случувања и состојби мора да ставиме крај, рече Митева.

Таа додаде дека по овие случувања потребно е целата Влада да си даде оставка.

– Ова не го говорам политички, не го говорам како портпарол на ВМРО-ДПМНЕ, ниту како член на ИК, туку го говорам најчовечки затоа што искрено така и се чувствувам. Од самиот почеток на случајот значи од моментот кога разбравме за исчезнувањето на Вања ниту како политичка партија, ниту како човек посегнав по било какви изјави или говори, или дезинформации, напротив апелирав да еднашка како општество застанеме на страна на состојбите, еве колку можеме да помогнеме на ваков или таков безбедносен систем кој што го имаме во државата да проба да ги најде сторителите и да ја врати младата Вања жива. Тогаш во тие моменти не ни стануваше збор дека уште едно лице е исчезнато. Тоа јас по медиумите ниту го забележав, ниту јавноста беше информирана. Што значи дека такви состојби во Македонија се случуваат можеби многу повеќе од што ние знаеме, заклучи Митева.

Таа посочи дека во време кога се случува ваква ситуација, кога во овој случај е вклучено лице кое што добро е познато на јавноста дека било вклучено во рекетарски здруженија, криминални банди, а на истото тоа лице му е овозможено преку портали и преку медиуми да има и да дава било какво мислење, не е политиканство. Таа додаде дека е потребно да се бара одговорност и од надлежните.

– Но, кога е случај од огромна интерес на јавноста не можете со бледо соопштение во 21 часот во недела навечер да вознемирувате два милиони народ. И да ве нема 10 саати со никаква дополнителна информација, укажа Митева.

Таа рече дека морална одговорност не очекува од оваа Влада, ниту пак од Спасовски или било кој друг.

-Лицемерието се гледа во првиот момент кога викате дека не сакам да зборувам за никакви случаи, а споменувате случај како Смилковско Езеро за кој што се веславте и ги злоупотребувате жртвите и семејствата на истите. Те молам Мартин денес да ги тргнеме маските и да не продолжите да создавате токсична атмосфера и да се однесуваме како ништо да не се случило. За случајов треба да има одговорност и требаше да има одговорност, нагласи Митева.