Фрапантно е тоа што Бујар Османи се посрамоти и како министер кој е обврзан да ги спроведува уставот и законите покажува елементарно непознавање или свесно ги крши, а со тоа директно предизвикува етничка нетрпеливост. Согласно уставот, единствен официјален јазик за меѓународна употреба е македонскиот јазик! Тоа е утврдено во амандманот 5 став 1. Во овој амандман ставот 1 јасно вели дека службен јазик на целата територија на Македонија и во меѓународните односи е македонскиот јазик!, истакна Марија Митева, портпарол и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
-Ставот 2 пак укажува дека службен јазик кој го зборуваат 20% од граѓаните е службен јазик на територијата на Република Македонија, но не е официјален јазик за меѓународна употреба. Јасна дистинкција е направена во уставот за тоа кој е официјален јазик за меѓународна употреба и тоа е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.
Османи да престане да ја манипулира јавноста затоа што дури и во Законот за употреба на јазиците во ниту еден член и во ниту еден став не се споменува дека друг јазик наместо македонскиот е официјален јазик во меѓународните односи. Би сакале да го информираме Бујар Османи и за ставот на Врховниот суд кој вели дека уставот може и директно да се применува што воедно и спасува од погрешна примена на ваквите неуставни закони донесени со обично мнозинство.
Затоа, бараме извинување, одговорност и оставка од Бујар Османи за нарушување на угледот на државата преку непочитување на уставот и законите, додава Митева.