Економски колапс, висока инфлација и пораст на цените е политиката која ја води СДС и ДУИ. Во Македонија се профитира на грбот на граѓаните, а власта нема никаков план иако е директно одговорна да го спречи или во најмала рака да го ублажи порастот на цените, изјави на денешната прес-конференција портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.
Таа истакна дека токму оваа власт на СДС и ДУИ до пред некое време имале т.н алиби дека сето ова се случува поради надворешните фактори односно заради порастот на цените на струјата, на гасот, на нафтата и на репроматеријалите.
-И тогаш лажеа, но денес кога економските прилики покажуваат дека цените вештачки се зголемуваат повторно недостига улогата на државата која има обврска да го спречи ваквиот ценовен шок. И ако сакаат, ако умеат и знаат тоа можат и треба да го сторат веднаш.
Но, сепак прстот го вперуваат на сите други економски чинители само не во нив. Денес виновни се трговците, претходно виновни беа производителите, па едно време ги обвинија и граѓаните дека креираат паника. А напротив, токму власта на СДС и ДУИ е единствениот виновник за економската состојба во Македонија.
СДС и ДУИ профитираат и се богатат, а цехот го плаќаат граѓаните. Нема никаква помош од државата, нема покачување на платите, нема намалување на инфлацијата, но затоа секојдневно имаме власт која е заглавена во криминал и корупција. Ова мора да запре, единственото решение се избори за подобра иднина и промени, истакна Митева.